„Вчера Советот на Општина Центар едногласно ја задолжи Општината и Градоначалникот да побараат вонреден инспекциски надзор на целото ова подрачје од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Како образложение се изнесоа бројните дописи од граѓаните од улица ‘Козара‘, од улица ‘Питу Гули‘ и од улица ‘Салвадор Аљенде‘ за спроведување на овој Детален урбанистички план. Денеска е повикан и Државниот инспекторат за животна средина да направи увид во тоа што се сече и дали за тоа има дозвола“, соопштија од Иницијативата.
Две локации на кои се бара вонреден надзор од градежниот инспекторат се за новопроектирани улици кои ќе овозможат пристап до парцели за градење кои сериозно ќе навлезат во шумата на Водно, а ќе се изгуби зеленило кое штити од поплави, ерозии и загадување. Од Шанса за центар потсетуваат дека се работи за улици кои би воделе меѓу другите и кон целото подрачје со плацевите кои се дел од активниот судски случај во јавноста познат како „Плацеви на Водно“.
Оттаму појаснуваат дека на други места се направени плански решенија, но врз основа на погрешни влезни податоци, како на пример во планот улица „Козара“ е обележана како улица со ширина девет метри, а реално на терен е измерена дека е шест метри. Овие грешки може да се ненамерни, но и намерни, а со цел да се оствари корист на малкумина за поголем габарит на градби, со што штета би се нанела на многу соседи, граѓани и објекти на локациите.
Шанса за Центар бара планот кој овозможува корист за малкумина, а штета на многумина, со помош Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да биде стопиран за понатамошна реализација.
„За овој план деновиве јавноста е добро запознаена преку медиумските извештаи за заградувањето на плацевите на Водно каде што е планирано да се гради станбена зграда и пристапен пат кој ќе води длабоко во шумата и ќе им одземе и дел од дворовите на жителите“, велат од Граѓанската иницијатива.






