Мерките, како што велат од АД ЕСМ, се насочени во правец на намалување на непродуктивните трошоци и реализација на производниот процес со вложување што помалку материјални и човечки ресурси.
„Од тие причини, во тек е постапка за утврдување на работни места кои не се неопходни за производството на електрична енергија во одреден временски период. Извршителите на утврдените работни места ќе бидат упатени на принуден одмор не подолг од три месеци, согласно Законот за работни односи, со исплата на 70 отсто од платата“, информираат од АД ЕСМ.
Како што посочуваат, намалени или целосно запрени се и сите други трошоци, односно стопирани се спонзорствата, репрезентациите и службените патувања, кои не се строго поврзани со производството на електрична енергија.
„Сведена е на неопходниот минимум исплатата на прекувремени работни часови, додека законската дневница за патување се исплаќа во половина износ. Запрена е набавката на возила, освен возила потребни за производниот процес, додека употребата на патнички возила е целосно и строго рационализирана“, потенцираат од АД ЕСМ.
„Граѓаните ги очекува големо покачување на сметките за струја заради неспособноста на власта, енергетските капацитети не произведуваат доволно електрична енергија, па затоа мора државата да купува многу поскапа електрична енергија од енергетскиот пазар, ама затоа Васко Ковачевски реши да удри по вработените во енергетскиот сектор кои за него се неподобни. Наместо Васко Ковачевски веќе да ја имаше потпишано својата оставка, заради целосниот хаос во енергетиката, тој реши да брка работници во АД ЕЛЕМ“, гласи реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот Ковачевски, како што вели опозициската партија, пред 20-тина дена ги задолжил директорите на придружниците да достават список на работни места со број на извршители кои би биле испратени на принуден одмор или делумен прекин на работниот однос со кратење на платите во износ од 30 отсто.
„За да биде небулозата поголема, истиот ден Васко Ковачевски потпишува заклучок со кој бара да се ангажираат лица преку агенцијата за привремени вработувања кои би започнале со работа од 1 јануари 2022 година. Намерата на Ковачевски е да бидат казнети партиските неподобни во ЕЛЕМ, а во исто време да бидат наградени партиски подобните лица преку договори за привремени вработувања. Кристално јасно е дека казнети ќе бидат лицата кои немаат партиска книшка од СДСМ“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини амета дека мерките за штедење кои ги објави АД ЕСМ се популистички и смешни. Средствата кои на ваков начин ќе се заштедат според него се неспоредливо мали во однос на огромниот износ кој треба да се издвои за покривање на енергетската криза.
Како спорна ја оценува мерката која предвидува принуден одмор за вработените кои според соопштението на АД ЕСМ не се неопходни за производството на електрична енергија во одреден временски период.
„Како логично се наметнува прашањето зошто тогаш овие работници биле примени, и што всушност тие работеле?“, прашува Хајредини.






