Според весникот, Хегсет наводно ги разгледува расата и полот на офицерите, нивните врски со програмите за разновидност, еднаквост и инклузивност (ДЕИ) од администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден и проценка на нивната лојалност при одлучувањето за унапредувањата.
Идентитетите на деветте офицери чии унапредувања беа запрени не се објавени. Волстрит џурнал исто така објави дека Хегсет ги блокирал или одложил унапредувањата и во копнената војска и морнарицата.
По преземањето на функцијата, Хегсет објави дека ќе ги отстрани таканаречените „воук“ адмирали и генерали. Тој тврдеше дека администрацијата на Бајден унапредила некои високи офицери за да ги исполни целите за разновидност, а не само врз основа на заслуги.
Откако неговото назначување беше потврдено минатата година, повеќе од 20 генерали и адмирали беа сменети или маргинализирани.
Меѓу нив беа претседателот на Здружениот штаб, генерал Си Кју Браун и адмиралката Лиза Франкети, првата жена на чело на американските поморски операции.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, ги негираше обвинувањата и рече дека унапредувањата во американската војска се засноваат исклучиво на заслуги.
„Пентагон никогаш нема да ја земе предвид бојата на кожата или полот на припадникот на војската како фактор при унапредувањето“, рече Парнел.
Според американскиот закон, само претседателот на САД може да отстрани офицер од списокот за унапредување. Министерот за одбрана може да препорача таква одлука, но мора да го стори тоа писмено до претседателот.
Волстрит журнал јави дека не е јасно дали Хегсет ја следел соодветната постапка во овој случај.






