среда, 3 јуни 2026

Романија купува оружје од германскиот Рајнметал за 5,7 милијарди евра

Најголемиот германски производител на оружје, Рајнметал, потпиша историски договор со Романија за продажба на оружје и борбени системи во вкупна вредност од 5,7 милијарди евра.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рајнметал објави дека Романија ја испратила нарачката на 29 мај оваа година преку дирекцијата за вооружување и дека сите потребни договори биле потпишани на 2 јуни. Ова е најголемиот договор во поновата историја на германскиот концерн.

Медиумските извештаи велат дека нарачката била дадена кај германскиот концерн само неколку часа откако руски дрон удри во станбена зграда во градот Галац, во близина на источната граница на Романија со Молдавија и Украина.

Договорот ќе се спроведе со помош на финансискиот инструмент на Европската унија „Безбедносна акција за Европа“ (САФЕ), кој им овозможува на членките на ЕУ да повлечат поволни заеми од заедничкиот фонд за одбрана во вредност од 150 милијарди евра.

Нарачката вклучува 298 борбени возила „Линкс“ од најновата генерација со разна намена, противвоздушни системи „Скајренџер“, муниција од среден калибар за воздушна одбрана и лесни оклопни возила, компоненти за муниција, два патролни чамци и два брода за поддршка на нуркачки тимови.

За реализација на договорот, Рајнметал значително ќе ги прошири производствените капацитети што веќе со години ги поседува во Романија, а ќе овозможи и трансфер на технологија. Голем дел од производството ќе се извршува во Романија.

Германскиот концерн ќе инвестира неколку стотици милиони евра во своите производствени капацитети во Романија, а ќе се создадат нови работни места во четирицифрен број, се вели во соопштението.

Шефот на кабинетот на романскиот премиер Михаи Јурчеа изјави дека договорот со Рајнметал „не е само можност за модернизација на одбранбените капацитети на Романија, туку и важен чекор во оживувањето на домашната одбранбена индустрија, бидејќи повеќе од 50 проценти од производството ќе се извршува на романско тло во соработка со локални компании“.

Романија долго време е еден од домашните пазари на Рајнметал, а нејзината романска подружница „Автомеканика“ има седиште во Медијаш, во централна Романија. Седиштето на технолошкиот и одбранбен концерн Рајнметал е во Диселдорф.

Испораките на оружје ќе започнат во 2028 година и треба да завршат до 2030 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ