понеделник, 27 април 2026

Путин: САД оставија катастрофа во Авганистан

Објавено на

часот

Сподели

„Навистина е катастрофа. Тоа е вистината. Тоа не се мои зборови. Тоа се зборови на самите американски аналитичари. Тоа е катастрофа, бидејќи Американците, кои се многу прагматични луѓе, потрошија повеќе од една и пол милијарди долари за таа кампања, а каков е резултатот? А ако го погледнете бројот на луѓето што беа напуштени во Авганистан, кои работеа за Западот, за Соединетите Држави и за нивните сојузници, тогаш тоа е хуманитарна катастрофа“, рече Путин на пленарната седница на Источниот економски форум, известува ТАСС.

Рускиот претседател, исто така, изјави дека е неприфатливо на земјите со сила да им се наметнува демократски поредок, и дека ако тој му е потребен на народот, тој самиот ќе дојде до него.

Путин оцени дека Западот продолжува со политиката на надворешно наметнување стандарди за другите земји, без оглед на лекциите од Авганистан.

„Дали ова е крајот на западната хегемонија? Се работи за тоа овие лекции да бидат правилно сфатени и да дојде до промени во реалната политика. Тие зборуваат за Авганистан: влеговме таму, направивме многу грешки, а во исто време истото тоа продолжува и кон други земји. А што се санкциите? Тоа е продолжение на истата политика и наметнување на своите стандарди“, рече Путин.

Тој рече и дека не се работи само за Русија, туку и за други земји, меѓу кои се земјите од азиско-пацифичкиот регион, Латинска Америка и други во светот.

Тој, исто така, наведе дека Русија не е заинтересирана за распаѓање на Авганистан, бидејќи тогаш таму нема да има никој со кого ќе може да се разговара.

Рускиот претседател, исто така, рече дека сегашната реалност е дека талибанското движење ја контролира речиси целата територија на Авганистан, со исклучок на Панџшир и мала соседна територија на северот, и дека треба да се тргне од тој факт.

„А ако е тоа така, тогаш треба да размислиме за фактот дека колку побрзо талибанците влезат, така да се каже, во семејството на цивилизираните нации, толку полесно ќе биде да се стапи во контакт, да се комуницира и на некој начин да се влијае и да се постават некои прашања, ако не и барања дека во рамките на цивилизираните односи треба да се почитуваат цивилизираните правила“, објасни Путин.

Тој исто така верува дека најновите настани во Авганистан претставуваат закана за азиските земји, соседите на Русија, а со тоа и за Русија.

„Во случај на распаѓање во Авганистан, нема да има кој да разговара со Исламското движење на Узбекистан и со сите други што претставуваат закана за нашите сојузници и соседи во таа земја. И имајќи предвид дека немаме визни ограничувања и дека има слободно движење преку граници, тоа исто така има значајни импликации за Русија од гледна точка на безбедноста“, рече Путин.

За време на обраќањето на Источниот економски форум, рускиот претседател истакна и дека само Обединетите нации (ОН) и Советот за безбедност треба да го надгледуваат светскиот поредок.

Источниот економски форум се одржува од 2 до 4 септември во кампусот на Далекоисточниот федерален универзитет во Владивосток.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ