вторник, 28 јули 2026

На воениот полигон на Кипар уништувајќи деактивирани ракети предизвикале огромен пожар (ВИДЕО)

Министерот за одбрана на Кипар, Василис Палмас, нареди истрага откако припадниците на инженерскиот батаљон на Националната гарда уништувајќи деактивирана муниција, предизвикале пожар што брзо се проширил низ ниската вегетација.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Палмас изрази „големо незадоволство и силно негодување“ поради уништувањето на шест рачни противтенковски ракети на воениот полигон Кало Хорио, на јужниот брег на островот, среде летната сезона на пожари, објави Асошиејтед Прес.

Министерот рече дека наредил истрага за да се утврди зошто муницијата била детонирана „во услови од 40 степени Целзиусови“, иако, како што истакна, експлозиите со тешко оружје се забранети во текот на летните месеци. „Разбирате дека ќе постапам со сета строгост што ја бараат овие околности“, им рече Палмас на новинарите.

Пожарот на крај бил ставен под контрола со помош на околу 100 пожарникари и осум авиони. Во пожарот изгореле приближно 120 хектари вегетација, а две мали населби во близина на пожарот биле евакуирани како мерка на претпазливост. Не се оштетени домови или друг имот.

Палмас истакна дека постојат јасни протоколи за тоа кога и како може да се уништи таквата муниција и дека инженерскиот баталјон „логично“ требало да биде во контакт со командата на Националната гарда пред да ја спроведе детонацијата. Тој додаде дека целта на истрагата е да се утврди како се случил пропустот и дека извештајот треба да биде завршен во следните неколку недели.

Кипар се соочува со зголемен ризик од пожари во последните години поради сувите зими и екстремно топлите лета, што создаваат идеални услови за брзо ширење на пожарите. Пред една година, островот беше погоден од еден од најразорните пожари во поновата историја. Постар пар загина во пожарот додека се обидувал да избега од пламенот во својот автомобил на планински пат.

Во меѓувреме, на Кипар е формиран регионален центар за гаснење пожари, кој, покрај островската држава, може да им обезбеди помош и на земјите од Блискиот Исток во борбата против големите шумски пожари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ