„Во присуство на претставници на дипломатскиот кор, институциите, академската заедница, културните работници и бројни пријатели на Македонија, КИЦ Софија уште еднаш покажа дека претставува важен простор за афирмација на македонската култура, јазик, традиција и современо творештво“, се вели во соопштението од Центарот.
Оттаму додаваат дека под раководство на директорот проф. д-р Зоран Пејковски, Македонскиот културно-информативен центар во Софија доживува нова развојна етапа, исполнета со интензивна културна динамика, богата програмска содржина и јасно дефинирана мисија – Македонија достоинствено да биде претставена преку своите највисоки културни вредности.
„Со своето доаѓање на функцијата директор, проф. д-р Зоран Пејковски постави јасна визија Македонскиот културно-информативен центар во Софија да прерасне во современа, активна и препознатлива културна институција, која нема само да организира настани, туку ќе создава културни процеси, ќе отвора нови простори за соработка и ќе ја зајакнува улогата на културната дипломатија како еден од најзначајните инструменти за меѓународна афирмација на Република Македонија“, велат од Центарот.
Од КИЦ Софија дополнуваат дека р/езултатите од оваа визија се видливи.
„Од институција која во претходниот период реализираше околу десет до петнаесет културни активности годишно, Македонскиот културно-информативен центар во Софија денес реализира повеќе од деведесет настани годишно – концерти, изложби, книжевни промоции, научни трибини, филмски проекции, средби со уметници и интелектуалци, како и значајни дипломатски и културни собири. Овој развој претставува суштинска промена во начинот на кој Центарот ја исполнува својата мисија и ја потврдува неговата позиција како една од најактивните македонски културни институции надвор од границите на државата“, велат од КИЦ Софија.
Особеното значење на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, се наведува во соопштението, се гледа и во неговата улога за Македонците кои живеат во Република Бугарија.
„Благодарение на богатата и континуирана програма, Центарот стана место на средби, припадност и културна поврзаност со татковината. Преку бројните настани, Македонците во Бугарија имаат можност да бидат во непосреден контакт со својот јазик, литература, музика, уметност и културно наследство, создавајќи чувство дека во просториите на Центарот ја чувствуваат близината на Македонија. Токму оваа човечка и духовна димензија е една од најголемите вредности на работата на проф. д-р Зоран Пејковски. Неговата определба е Македонскиот културно-информативен центар да биде не само институција што презентира култура, туку вистински културен дом – место каде што се негува идентитетот, се поттикнува творештвото и се создаваат трајни врски меѓу луѓето“, велат од Центарот.
Оттаму дополнуваат дека дипломатскиот прием беше уште една потврда дека Македонскиот културно-информативниот центар во Софија денес е препознаен како сериозен партнер во културната дипломатија. Преку ваквите настани се создаваат можности за дијалог, размена и подобро запознавање со македонската култура, а Македонија се претставува преку најсилниот и најуниверзалниот јазик – јазикот на културата.
„Во остварувањето на оваа мисија, значајна е и континуираната поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, кое ја препознава важноста на Македонскиот културно-информативен центар во Софија како институција од особено значење за меѓународната афирмација на македонската култура. Македонскиот културно-информативен центар во Софија денес е место каде што Македонија се претставува, се препознава и се живее преку својата култура. Тоа е институција која со својата работа ја потврдува силата на културата како најтраен белег на еден народ и најдостоинствен амбасадор на една држава“, велат од КИЦ Софија.





