вторник, 28 јули 2026

ДЗР: Комисијата за заштита на конкуренцијата нема единствена евиденција за глоби, а имотот не им е осигуран

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил повеќе слабости во работењето на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2024 година. Според конечниот ревизорски извештај објавен денеска, констатирани се недостатоци во пописот и евиденцијата на имотот, немање осигурување на државниот имот, отсуство на единствена евиденција за предметите со изречени глоби, како и слабости во спроведувањето на дел од јавните набавки.

Објавено на

часот

Сподели

Ревизорите утврдиле дека материјалната и сметководствената евиденција не биле усогласени бидејќи пописните листи содржеле само количински, но не и вредносни показатели, а во сметководството амортизацијата од претходните години била евидентирана во повисок износ за 546 илјади денари. Според извештајот, овие состојби влијаат врз реалноста и објективноста на финансиските извештаи, поради што е препорачано пописот да се врши со целосни вредносни податоци и да се усогласи материјалната со сметководствената евиденција.

Дополнително, Комисијата не го осигурила имотот со кој располага – зградата, опремата и благајната – што, според ревизорите, создава ризик евентуалната штета да не може да биде покриена од осигурителни компании и да предизвика дополнителни трошоци за буџетот.

Во извештајот се наведува и дека не постои единствена евиденција на предметите и побарувањата по основ на изречени глоби, што може да доведе до ненавремена наплата или нивно застарување. За време на ревизијата, Комисијата изготвила евиденција за активните предмети од 2024 година, но ревизорите препорачуваат ваквата практика да стане континуирана.

Ревизијата открила и недостатоци во водењето на евиденцијата за присуство на работа. Комисијата не ги доставила дневните евидентни листи за 2024 година, со образложение дека не можеле да бидат пронајдени, а во примерокот од 2025 година што бил доставен на увид не било евидентирано присуството на членовите на Комисијата.

Забелешки има и за јавните набавки. Кај набавката на три мобилни телефони, ревизорите оцениле дека техничките спецификации биле дефинирани на начин што упатувал на конкретен производител, со што се ограничувала конкуренцијата. Кај набавката на такси-превоз, пак, критериумите за избор на најповолна понуда не биле доволно јасно разработени, иако квалитетот носел повеќе бодови од цената. Според извештајот, ваквите пропусти можат да доведат до фаворизирање на одредени економски оператори.

Државниот завод за ревизија укажува и дека во текот на 2024 година Комисијата не функционирала во полн состав. Наместо претседател и четворица членови, како што предвидува законот, институцијата работела со претседател и тројца членови, бидејќи по изборот на еден од членовите за претседател не бил именуван негов наследник. Полниот состав бил воспоставен дури со изборот на новата Комисија во декември 2024 година.

Во текот на ревизијата, Комисијата ги прифатила корекциите предложени од Државниот завод за ревизија, со што активата и пасивата биле зголемени за 13,101 милион денари поради евидентирање на зградата во која е сместена институцијата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ