Лансирањето се случи една недела откако претходниот обид беше прекинат затоа што неколку мотори не се вклучија при полетувањето. Ракетниот засилувач „супер хеви“ се одвои од вселенскиот брод по две минути лет, а потоа успешно изврши контролирано слетување во Мексиканскиот Залив.
Тоа беше втор и значително поуспешен тест на верзијата В3 на ракетата, означена како Лет 13.
Успешен лет и клучни тестови
Портпаролот на „Спејсекс“, Ден Хаут, ја нарече мисијата „Среќен број 13“, бидејќи тоа беше тринаесеттиот интегриран тест на системот „старшип“ и погонскиот мотор „суперхеви“.
Splashdown confirmed! Congratulations to the entire SpaceX team on the 13th flight test of Starship! pic.twitter.com/g27YJCQgiN
— SpaceX (@SpaceX) July 24, 2026
При полетувањето, сите 33 мотори на засилувачот „супер хеви“ работеа без проблеми. Потоа засилувачот успешно повторно активираше 13 мотори за да се насочи кон зоната предвидена за слетување.
Помали проблеми беа забележани при обидот за завршното забавување над Мексиканскиот Залив, но слетувањето сепак остана под контрола. Хаут наведе дека леталото при допирот со водата се движело со нешто поголема брзина од планираната, но овој маневар сепак го оцени како голем напредок.
Starship is intact, floating in the ocean and transmitting telemetry! pic.twitter.com/hLVXJqkHSA
— Elon Musk (@elonmusk) July 25, 2026
Горниот дел од системот, односно самото летало „старшип“, функционираше без видливи проблеми. Беше изведен целосен циклус на работа на моторите, успешно беше тестирано повторното палење на еден мотор во вселената, а потоа и контролираното спуштање во Индискиот Океан, околу еден час по полетувањето.
Хаут го опиша завршувањето на мисијата како „најмекото слетување“ досега и „сценарио од соништата“.
За време на летот, „старшип“ лансираше и 20 тест-сателити „старлинк“, а „Спејсекс“ успеа да воспостави комуникација со секој од нив, отворајќи ја вратата за идните оперативни мисии.
Подобрувања на топлинскиот штит
Овој лет означи големо подобрување во однос на првиот обид со верзијата В3 во мај, кога бројни проблеми со моторот ја намалија ефикасноста на ракетата.
Пред ова лансирање, Спејсекс мораше да замени шест мотори поради проблеми со влагата, што предизвика откажан обид за полетување минатата недела.
Компанијата посвети големо внимание на проучувањето на перформансите на топлинскиот штит, слој од керамички плочки што го штити леталото при враќањето во атмосферата со брзина 20 пати поголема од брзината на звукот, кога се создаваат исклучително високи температури.
Лансирањето беше одложено за еден ден за да се овозможи ведро време и камерите подобро да ја следат состојбата на штитот, а Илон Маск потврди по мисијата дека штитот издржал значително подобро отколку за време на претходните тестови.
Подготовки за мисија на Месечината
Иако „старшип В3“ се покажа како успешен дизајн, „Спејсекс“ сега се соочува со нови амбициозни чекори. Компанијата мора да го тестира влегувањето на „старшип“ во Земјината орбита и да развие систем за полнење гориво во вселената.
Овој чекор е неопходен ако „старшип“ треба да транспортира астронаути на Месечината, што е крајната цел на проектот.
НАСА планира да го користи „старшип“ за испраќање астронаути на Месечината уште во 2028 година, со цел да ја престигне Кина во новата вселенска трка.
Администраторот на НАСА, Џаред Ајзекман, му честиташе на „Спејсекс“ за успехот. Тој објави фотографија од полетувањето со Месечината во позадина и напиша: „Спејсекс знае каде одиме!“
Најголемата ракета некогаш изградена
„Старшип“ е висок речиси 121 метар и е најголемата ракета некогаш изградена.
Верзијата В3 развива околу 8.000 тони потисок при полетување. За споредба, ракетата Сатурн В на НАСА од програмата Аполо имаше околу 3.400 тони потисок, што е помалку од половина од моќта на „старшип“.
„Спејс шатл“ имал потисок од околу 2.400 тони, додека новата ракета на НАСА за мисии на Месечината, „Систем за вселенско лансирање“ (СЛС), развива околу 4.000 тони потисок.





