вторник, 28 јули 2026

Левица: Законот за „Скопје 2028“ отвора сомнежи за трошењето на над 20 милиони евра јавни средства

Од Левица реагираат на Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, оценувајќи дека наместо да обезбеди високо ниво на транспарентност и отчетност, предложеното законско решение отвора бројни дилеми околу управувањето со јавните средства.

Објавено на

часот

Сподели

Како што наведуваат во соопштението, со законот се предвидува основање на Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, преку која ќе се реализира еден од најголемите културни проекти во државата во наредните години.

Од партијата посочуваат дека, според официјалниот „Bid Book“, оперативниот буџет на проектот изнесува околу 22,5 милиони евра, од кои 21 милион евра, односно повеќе од 95 проценти, се јавни средства обезбедени од Владата, Град Скопје и скопските општини. Дополнително, предвидени се 500.000 евра од фондови на Европската Унија и еден милион евра од приватни донатори.

„Наместо Фондацијата да подлежи на Законот за јавните набавки, предлог-законот предвидува самата да ги утврдува правилата за набавки. Со тоа се создава систем во кој институцијата што располага со јавните средства во голема мера сама ќе ги определува правилата според кои ќе ги троши“, велат од Левица.

Од партијата ја проблематизираат и одлуката градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, да го именува Марјан Цветковски за директор, иако, како што наведуваат, Фондацијата сè уште не е основана со закон.

„Предлог-законот јасно предвидува директорот да го именува и разрешува Одборот на Фондацијата. Ако Фондацијата сè уште не постои, а нема ниту Управен ниту Надзорен одбор, се поставува прашањето врз која правна основа е именуван директор на непостоечка фондација“, наведуваат од Левица.

Во соопштението се изразува загриженост и поради одредбите што овозможуваат Фондацијата да користи и инвестира во јавен и приватен имот, при што, според Левица, се отвора можност со јавни средства да се финансираат интервенции на приватни објекти или набавка на уметнички дела кои би останале во приватна сопственост.

Партијата забележува и дека со предложениот закон Советот на Град Скопје нема никаква улога во надзорот над работењето на Фондацијата, додека управувачките и финансиските овластувања, според нив, се концентрирани кај градоначалникот и директорот.

Од Левица сметаат дека е особено спорно што закон со кој ќе се уредува располагањето со повеќе од 20 милиони евра јавни средства се носи по скратена постапка, без поширока јавна и стручна расправа.

На крајот од соопштението, од партијата прашуваат зошто проектот уште од самиот почеток не се организира како јавна установа, која би работела според Законот за јавните набавки и правилата што важат за сите државни институции, имајќи предвид дека по завршувањето на проектот е предвидено Фондацијата да прерасне во јавна установа за културен развој и наследство на Град Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ