вторник, 28 јули 2026

Зајкова: Новиот Кривичен законик е уште полош од претходниот

Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, оцени дека ЛДП останува доследна на ставот дека не треба да се поддржат измените на Кривичниот законик, посочувајќи дека земјата и натаму се соочува со застарување на предметите поврзани со корупција во највисоките ешалони на власта.

Објавено на

часот

Сподели

„Најтрагично е кога некој во политиката ги критикува грешките на претходниците, а потоа доаѓа на власт и наместо да ги исправи, ги усовршува. Бевме сведоци на носење уште полош Кривичен законик од претходниот, за кој ЛДП предупредуваше дека е лош. Денес повторно добиваме критики од Брисел дека не ги исполнуваме условите, а цената ја плаќаат граѓаните. За Изборниот законик изгубивме четири милиони евра, а поради неспроведени реформи уште 170 милиони евра. Прашањето е – кој ќе понесе одговорност?“, изјави Зајкова во гостување во емисијата „Вести плус“ на Канал 5.

Говорејќи за можноста за предвремени парламентарни избори напролет, Зајкова истакна дека ЛДП е целосно подготвена за изборен настап и дека партијата има конкретни предлози кои, според неа, уживаат широка поддршка кај граѓаните.

„Верувам во нашите политики, бидејќи граѓаните ги поддржуваат предлозите за отворени листи, укинување на банкарските провизии, намалување на бројот на заменик-министри и директори, укинување на непотребните паушали и воведување електронски нараквици за насилници. Големите партии сакаат повторно да се оди на избори по истиот модел затоа што тој им одговара, но време е политичката одговорност да има име и презиме“, вели Зајкова.

Осврнувајќи се на нејзиниот неодамнешен избор за потпретседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Зајкова оцени дека станува збор за значаен успех не само за неа лично, туку и за Македонија.

Таа посочи дека Македонија досега немала претставник на оваа позиција, а изборот бил резултат на непосредно гласање на делегации од 57 парламенти, при што била избрана во конкуренција со уште седум кандидати.

Според Зајкова, новата функција ќе овозможи Македонија поактивно да ги отвора прашањата што ги засегаат граѓаните и да ги промовира своите позиции во рамки на ОБСЕ, како и да придонесе за поголема видливост на Западен Балкан во меѓународните институции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ