среда, 3 јуни 2026

Германија не успеа да влезе во Советот за безбедност на ОН

Генералното собрание на Обединетите нации денес ги избра Австрија, Киргистан, Португалија, Тринидад и Тобаго и Зимбабве за непостојани членки на 15-члениот Совет за безбедност на ОН, за двегодишен мандат што започнува на 1 јануари 2027 година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Германија, која силно лобираше за место во Советот, се најде на третото место во трката за двете места наменети за Групата западноевропски и други држави, со 104 гласа, додека Португалија доби 134, а Австрија 131 глас и за прв пат не успеа да обезбеди место.

Филипините и Киргистан се бореа за местото во Азиско-пацифичката група по четири круга гласање, при што Киргистан на крајот го обезбеди потребното двотретинско мнозинство и за прв пат во историјата обезбеди место во Советот за безбедност, со 142 гласа наспроти 49.

Советот за безбедност е единственото тело на ОН кое може да донесува правно обврзувачки одлуки, како што се наметнување санкции и овластување за употреба на сила. Има пет постојани членки со право на вето: Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД.

Останатите 10 членки се избираат, а секоја година се приклучуваат пет нови членки. Оваа година, една доаѓа од Африканската група, една од Групата на латиноамерикански и карипски држави, една од Азиско-пацифичката група и две од Групата западноевропски и други држави.

Зимбабве ќе ја замени Сомалија, а Тринидад и Тобаго ќе ја заменат Панама, додека Португалија и Австрија ќе ги заменат Данска и Грција. Киргистан ќе го замени Пакистан.

Бахреин, Колумбија, Демократска Република Конго, Латвија и Либерија ќе продолжат како непостојани членки на Советот за безбедност до крајот на 2027 година.

Генералното собрание во вторник го избра министерот за надворешни работи на Бангладеш, Халилур Рахман, за претседател на телото од 193 членки, за своето 81 заседавање, кое започнува во септември.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ