вторник, 2 јуни 2026

Европската комисија бара од девет земји да ги укинат граничните контроли

Европската комисија ги повика деветте земји-членки на Шенген зоната да започнат со постепено укинување на привремените гранични контроли што ги спроведуваат на своите внатрешни граници повеќе од една година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за Австрија, Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Словенија, Шведска и Норвешка, за кои Комисијата издаде посебни мислења за оправданоста и пропорционалноста на мерките што се во сила повеќе од 12 месеци.

Комисијата признава дека земјите се соочуваат со безбедносни предизвици и миграциски притисоци, но нагласува дека контролите во рамките на Шенген мора да останат исклучителни и привремени мерки.

Брисел верува дека постојат поефикасни начини за решавање на безбедносните прашања без ограничување на слободното движење на луѓето.

„Постојат поефикасни и поефективни алтернативи на внатрешните гранични контроли“, соопшти Комисијата.

Како примери ги наведува полициските проверки засновани на проценка на ризик, мобилната биометриска идентификација и технологиите за следење на возила.

Според Комисијата, многу земји веќе користат несистематски полициски проверки засновани на разузнавачки податоци, кои би можеле дополнително да се прошират и постепено да ги заменат граничните контроли.

Европската комисија предупреди дека внатрешните гранични контроли влијаат не само на земјата што ги воведува, туку и на соседните земји и жителите на пограничните области.

Затоа, наведува Комисијата, е важно да се намалат негативните последици за патниците, работниците кои секојдневно ја преминуваат границата, економијата и регионалната соработка.

Врз основа на спроведената анализа, Комисијата препорачува деветте земји постепено да ги укинуваат постојните контроли, а воедно да користат повеќе алтернативни безбедносни мерки и да ја зајакнат соработката со соседите.

Извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, изјави дека слободата на движење е една од основните вредности на Европската Унија.

„Шенген е едно од најголемите достигнувања на Европа. Ја симболизира слободата на движење за повеќе од 450 милиони луѓе. Нашите мислења испраќаат јасна порака: кога контролите се враќаат, тие мора да останат привремени и исклучителни“, рече Виркунен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ