Воениот авион, наречен „шах“, веројатно ќе му биде ривал на американскиот невидлив ловец Ф-35, кажа Олег Пантелеев, шефот на аналитичката служба на агенцијата Авијапорт.
Се очекува новиот руски борбен авион првиот лет да го има во 2023 година, а сериското производство да почне во 2026, беше кажано на претставувањето.
Ростек, рускиот државен воздухопловен и одбранбен конгломерат, порача дека авионот ќе биде тешко да се детектира со радар и дека ќе има ниски оперативни трошоци.
Во краткото промотивно видео учествуваат и пилоти од Обединетите Арапски Емирати, Индија, Виетнам и Аргентина, па се претпоставува дека Москва планира авионот да го понуди и на странски пазари.
[video:https://youtu.be/n1PT707EJ5I autoplay:0]Во последните години Русија успешно произведе прототипи на нови системи на вооружување, но изгледа дека има проблеми во обидите да почне со сериско производство, пишува Ројтерс.
Земјата сè повеќе издвојува големи средства за военото воздухопловство и вооружување, и во рамки на сопствените оружени сили, но и во обидот да ги зголеми приходите од извозот на оружје. Новото руско оружје главно се темели на советската технологија од времето на Студената војна.
Русија има борбени авиони од четвртата генерација – сухој Су-27 од тешка категорија и МиГ-29 од полесната категорија. Како што наведе Пантелеев, од групата на авиони од тешка категорија, Русија засега има само еден таков авион од петтата генерација, Су-57, кој нема свој еквивалент во полесната категорија.
„Лесните борбени авиони се повеќе барани од авионите од тешка категорија, поевтини се и посоодветни од државите кои немаат големи територии“, кажа Пантелеев за Ројтерс.
Русија својот невидлив борбен авион сухој Су-57 го претстави на МАКС во 2011 година.
Сопственик на компанијата за борбени авиони Сухој, која датира уште од советско време, е Јунајтед еркрафт корпорејшн, дел од конгломератот Ростек.






