Амбициозниот план, кој ќе ја засили трката со САД во населувањето луѓе на Марс, за првпат е детално обелоденет откако Кина кон средината ан Мај го спушти роботот ровер на Марс, во својата инаугурациска мисија на планетата, пренесува Ројтерс.
Лансирањата со екипаж на Марс се планирани за 2033, 2035, 2037, 2041 и понатаму, изјави шефот на главниот кинески произведувач на ракети Ванг Сјаоџун неодамна преку видео-врска на конференција за истражувањето на вселената во Русија.
Пред да тргнат мисиите со екипаж, Кина ќе испрати роботи на Марс за да ги проучат можните локации за база и изградба на систем за извлекување на ресурсите, јави вчера официјалната Чајна спејс њуз, повикувајќи се на Ванг, кој е и шеф на Кинеската академија на технологија на лансирни возила.
За човечко населување на Марс, екипажите би морале да бидат во можност да ги користат ресурсите на планетата, како вадење вода под нејзината површина, генерирање кислород и производство на електрична енергија.
Кина, исто така, мора да развие технологија за враќање на астронаутите назад на Земјата.






