Кире Лазаров кој има една четвртина од акциите во Голден Арт КЛ7, излегол од проектот, според претседателот на клубот, Сашко Даев, не добиле образложение за таквата одлука.
„Кога работите во една организација, најголемиот проблем може да биде недостатокот од комуникација. Кога не комуницирате, не сте свесни за некои проблеми, а кога тие не се кажуваат, со текот на времето стануваат се поголеми и поголеми. Сето ова ние го дознавме пред крајот на декември кога Лазров едноставно се откажа од овој проект. Дали неговата цел била да престане овој клуб, не знам. Но ние како одговорни луѓе, говорам во името на компаниите Рехау и Голден Арт, кои сме главни финансиери на клубот, не можевме да дозволиме да ги изневериме младите играчи чии родители ни ја дале довербата, а 90 проценти од нив се од надвор од Скопје. Ние им помогнавме да го продолжат образованието во овој град и паралелно да играат ракомет. Преземавме обврска да се грижиме за нив, и не можеме туку така да го завршиме ова. А зошто замина Кире, да ви кажам искрено ни ден денес не знам, а и не сакам да знам, ако некој сака да ви каже, ќе ви го каже тоа“, вели Сашко Даев.
Тој потврди и дека во иднина клубот ќе претрпи промена на името, ќе се вика само Голден Арт, кратенката КЛ7 ќе ја снема.
Компанијата Голден Арт поседува 50 проценти од акциите на клубот, Рехау и Милчо Чакаревскки имаат по 12,5 проценти, а Кире Лазаров 25 проценти.
Даев изјави дека тие немаат намера да ги откупат акциите на Кире Лазаров бидејќи немаат потреба од нив, тој сам треба да одлучи што ќе прави, дали ќе ги чува, дали ќе ги продаде на некој друг.
Првиот оперативец на клубот, Горан Ѓоргоновски изјави дека Голден Арт продолжува да биде македонски проект без разлика на резултатите. Главната цел на клубот е да создава ракометари.
„Овој проект го стартувавме од 2015 година, целта ни беше да се селектираат, да се изберат најдобрите, да ја добијат шансата нашите ракометари која претходно не ја добиваа. Во меѓувреме се случија промени во структурата на клубот, но она што мене ми е многу важно што клубот размислува како што јас размислував во 2015 година, а тоа е дека во огромен број од тимовите во Македонија треба да се работи и да се даде шанса на македонските ракометари, а тоа да не биде само про-форма. Ние и по цена да не играме Суперлига наредна година, не донесовме странски играч. Знаеме дека Македонија во моментов е органичена со играчи. Останавме на патот да не носиме странски играчи, а можевме, по цена да останеме во Суперлига. Не го сфаќаме испаѓањето од лига како крај на светот или нешто страшно“, вели Ѓоргоновски.
Од раководството на клубот не сметаат дека поради разделбата со Кире Лазаров во иднина ќе имаат сопки од РФМ или селекторите при изборот на ракометари во селекциите. Тие потенцираа дека имаат одлична соработка со сите и очекуваат таа да продолжи и понатаму.
На средбата со новинарите беше и новиот тренер Никола Матлиески кој вети дека ќе се залага за напредок на играчите. Вети максимална посветеност на работата и како тренер на првиот тим и како координатор на сите селекции во клубот.






