„Како последица од хаосот предизвикан од погрешните одлуки на двете најголеми партии кои наизменично имаа мнозинство во Советот, денешните кандидати за градоначалници и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ лицитираат со ветувања за нови паркинзи во оваа четврт со капацитети за стотици возила. Локациите кои ги одбираат се тотално нестручно предложени, како што се бараките на станбеното претпријатие (ПУИГ) или општината, со подземни паркинзи и комерцијални згради.
Погрешните предлози и решенија за паркирање можат да остават сериозно лоши последици, како и исчезнување на целото повеќедецениско зеленило од просторот кај бараките, привлекување уште повеќе возила во ова маало во кое веќе сообраќајот е густ, улиците се закрчени, небезбедноста е секојдневие, а нервозата, загадувањето и бучавата расте. Планирањето без визија и давање парцели за брз профит од изградба на згради, неповратно ќе ги влоши животните услови на сите граѓани, без воопшто да се води сметка дали јавната инфраструктура може да поднесе толкаво зголемување на бројот на жители.
Шанса за Центар нуди решение и за проблемот со недостиг на паркинг места во општината. Нов паркинг простор може да се спроведе со решението предвидено со планот за Дебар Маало 2, каде просторот на сегашните бараки на администрацијата на град Скопје ќе биде пренаменет во монтажен паркинг на кат. Влезот кон тоа паркиралиште веќе постои, и нема да претставува нов скап и загадувачки проект“, соопшти Шанса за Центар.






