Три коњи, очигледно од различни раси или подраси, со различна боја на телото, дојдоа во посета на Порта Влае каде општината засади квалитетна зелена трева, која треба и ревносно се стрижи.

Коњите се тука како испомош во регулирањето на висината на тревата, а притоа немаат моќ да го загадуваат амбиенталниот воздух како што тоа го загадуваат општинските косилки за трева на бензин.

Луѓе спокојно уживаат на клупите во тивкото утро, не обрнувајќи многу внимание дека недалеку од нив богато се појадува здрава храна. Или пак тоа се сопствениците на коњите кои треба и да одморат малку? Ги чека пат назад. Кој ќе го знае…
Општинските работници сепак и во сабота ќе мора малку да поработат, зашто посетата на четвороножните суштества остави траги на плочникот. И во тревата, кои не се многу забележливи, но тој што ќе ги стапне ќе дознае кога ќе се врати дома.

Се прераскажуваше дека еден градоначалник, пред многу години, самиот бркаше куче што касна граѓанка на Карпош. Можеби и коњите ќе бидат избркани на истиот начин?
Градски деца можеби и не знаат колку е силен коњот и дека ако го „закачаш“ има силно ударно копито. Затоа и ќе биде оправдано ако градоначалникот повторно се вклучи во акција, овојпат против коњи. Редно ќе биде во потера да се вклучат и институции.
Како и да е, читателот на МКД.мк свршил добра работа, зашто овековечи еден (не)секојдневен настан во главниот град.
Ех, вечно Скопје!
П.Џ.






