„Постапката е стопирана и поради тоа не се пристигнати понуди. БРТ е релативно непознат концепт за граѓаните на Скопје. Според анализите кои биле изготвени минатата година за потребите на Град Скопје се укажува на бројни недостатоци и ризици од проектот кои ќе имаат влијание врз животната средина, што во никој случај не смее да се дозволи. Како што знаете во моментов се водат преговори со ЕБРД и по нивното завршување граѓаните ќе бидат информирани за договореното“, велат од Град Скопје.
Проектот БРТ се однесува на автобуско метро или превоз независен од останатиот сообраќај, кој беше претставен од поранешниот градоначалник Петре Шилегов како екстра брз, навремен и целосно еколошки систем кој е планиран во две траси, а зеленилото е предвидено да се дуплира, според она што тој го најави. Сега, со негово стопирање, се поништуваат уште два проекта, едниот за оптимизирање на градските линии, а другиот за одржливост на јавниот превоз, проекти тешки над милион евра.






