
„Ако самото донесување на заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ е ‘успех‘ за словенечкото претседателство, секако нема позитивни вести за нас. Останува статус кво, почетокот на преговорите на Македонија и Албанија е блокиран, зашто Бугарија не се согласува со преговарачката рамка. Секое статус кво, особено кога се одржува подолго време, претставува опасност“, вели Ристевска-Јорданова во изјава за МКД.мк.
Таа предупредува дека неспособноста на ЕУ да ја усвои преговарачката рамка веќе година и пол, наспроти декларативната заложба да нема т.н. „билатерализација“ на преговорите ги подгрева бугарските барања.
„Бугарските барања, пак, остануваат суштествено контрадикторни со барањата на пристапниот процес, а и на Преспанскиот договор, без разлика што бугарската страна ги претставува во ‘ново пакување‘“, ни изјави Ристевска-Јорданова.
Таа, сепак, има забелешки и за македонскиот пристап кон преговорите со ЕУ и порачува дека тој треба да се преиспита.
„Во ваква ситуација, крајно време е нашата држава да го преиспита својот пристап кон преговорите со ЕУ, со поглед на долгорочноста на целиот процес, а не со фокус на концесии кои ќе имаат долгорочни последици за краткорочни ‘добивки‘, вклучувајќи и за домашни политички потреби“, додава Ристевска-Јорданова.
Словенија, како претседавач со Европската Унија до крајот на годинава беше прилично амбициозна во однос на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ, аега е задоволна со крајниот компромис.
„Она што е важно се заклучоците на Советот, не ги споредуваме со претходните нацрти, некои формулации се тука од пред два месеца и повеќе, но бидејќи преговорите за вакви документи се многу долги, дефинитивно би го оценил денешниот ден како успех“, изјави вчера државниот секретар за европски прашања на Словенија, Гашпер Довжан.
Ж.П.Б.






