„Реториката што ја користат СДСМ и Венко Филипче не е повик за правда, туку обид да се избрише колективното паметење на граѓаните и да се наметне една нова, удобна ‘вистина’. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, како одговорна државотворна сила, нема да дозволи вистината да биде извитоперена, а правдата злоупотребена за дневнополитички цели. Сведоци сме на уште еден обид за груба политичка манипулација од страна на СДСМ. СДСМ денес зборува за враќање на Никола Груевски и за правда. Но суштинското прашање е – имаат ли тие кредибилитет да зборуваат за правда?“, истакна Стојчевски на прес-конференцијата
Тој праша и дали тоа се истите оние структури кои во 2018 година, наместо да обезбедат функционирање на правната држава, овозможија сценарио за негово бегство.
„Дали тоа се истите политички актери кои, наместо институционална одговорност, избраа политички договори и калкулации? СДСМ и Венко Филипче и должат одговор на јавноста“, вели пратеникот на ЗНАМ.
Како партија, тие прашуваат дали е точно дека во вилата на Водно се одржала работна средба во периодот пред парламентарните избори во 2024 година, на која се разговарало за враќањето на Никола Груевски во државата под одредени услови, во замена за негова амнестија.
„Дали Филипче, како актуелен директор на фондацијата на Зоран Заев, ја има целосната информација за ова прашање или допрва треба да го праша својот ментор што навистина била темата на таа средба? Ако таму наиде на молк, дали ќе се обрати кај своите сопартијци, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски? Или, пак, одговорите треба да се бараат кај поранешните коалициони партнери? Или, пак, одговорите треба да се бараат кај поранешните коалициони партнери на СДСМ, како Али Ахмети, Артан Груби и Бујар Османи? И конечно, дали вистината за овие процеси ја знае и може да одговори поранешниот претседател Стево Пендаровски? Исто така, го прашуваме раководството на СДСМ, дали е вистина дека од Будимпешта до Бихаќка бил испратен УСБ стик со измени на Кривичниот законик, конкретно на членот 353, со кои практично се овозможи општа амнестија за кривичните дела на Груевски, имајќи предвид дека токму преку тие измени и нивното укинување се создаде основа за самоамнестирање на тогашните функционери за сторениот криминал? Дали е точно дека во замена за својата амнестија Никола Груевски требаше да формира нова политичка партија со цел да се одземе гласови од ВМРО-ДПМНЕ? Во ситуација кога СДСМ очигледно функционира со повеќе центри на влијание и различни внатрешни структури, логично се наметнува прашањето – кој ја знае вистината, а кој свесно молчи пред граѓаните?“, прашуваат од ЗНАМ.
Наместо политички театар, тие ја повикуваат СДСМ да одговори на овие прашања и конечно да покаже вистинска одговорност.
„Ова не е само политичка неконзистентност. Ова е класичен пример на лицемерие од највисок степен. Да зборувате за правда, а притоа да сте биле дел од процеси кои директно ја поткопале истата, тоа е навреда за секој граѓанин кој верува во правна држава. Ставот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е јасен, принципиелен и непроменет. Ние не правиме разлика меѓу ‘ваши’ и ‘наши’. Ние не делиме правда по партиска линија. Ние не веруваме во селективна одговорност. Веруваме во држава во која законот важи еднакво за сите. И секој кој се огрешил пред законот, без разлика дали станува збор за Никола Груевски, Артан Груби, Зоран Заев или Венко Филипче, мора да одговара пред институциите. Истото важи и за сите оние кои преку политички договори, законски измени и институционални злоупотреби се обиделе да ја избегнат правдата. Правдата не е парола за прес конференции. Правдата е систем. И токму тој систем СДСМ го урна, а денес се обидува да глуми дека го гради“, изјави Даниел Стојчевски.
Затоа, наместо декларативни повици, потребна е искреност, одговорност и политичка храброст да се признае сопствената улога, порачуваат од ЗНАМ.
„Движењето ЗНАМ ќе продолжи да се бори за вистинска правна држава, држава во која нема недопирливи, нема привилегирани и нема заштитени. Држава во која правдата не доаѓа по нарачка, туку по закон“, порача Стојчевски.
Прашан кој е неговиот коментар на шпекулациите дека ќе ја напушти пратеничката група како што тоа го направи пратеникот Миле Цеков, а со кој е близок, Стојчевски одговори дека тоа се шпекулации.
„Гледате зад кој пулт стојам. Јас сум актуелен претседател на општинската организација на Движењето ЗНАМ во Куманово, дел од пратеничката група на Движењето ЗНАМ и стојам денеска пред вас и самите можете да заклучите каде припаѓам. Ќе продолжам и во наредниот период да дејствувам во тој контекст“, категоричен беше пратеникот на ЗНАМ, Даниел Стојчевски.






