Во своето обраќање, министерот подвлече дека јавната администрација зазема централно место во реформската агенда и има суштинска улога во обезбедувањето функционални институции и квалитетни услуги.

„Ова е силна потврда дека се движиме во правилна насока, но и дополнителен мотив со уште поголема динамика да продолжиме со реформскиот процес“, истакна Минчев.
Тој посочи дека имплементацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030 се одвива со висок степен на реализација, при што се спроведени 84 отсто од предвидените активности. Паралелно, како што нагласи, воспоставена е нова системска рамка преку клучни законски решенија со кои се гради интегриран, мерит-базиран и професионализиран систем, насочен кон резултати и зголемен институционален интегритет.
Посебен акцент во обраќањето беше ставен на развојот на човечките ресурси, управувањето со квалитет и дигиталната трансформација, како и на потребата од доследна имплементација на реформите.
„И покрај силната нормативна и институционална основа која ја изградивме, најголемиот предизвик останува доследната и квалитетна имплементација на реформите“, нагласи министерот, додавајќи дека фокусот во наредниот период ќе биде ставен на операционализација на законската рамка и постигнување конкретни резултати.
Министерството за јавна администрација, како што се вели во соопштението, останува целосно посветено на реформската агенда и на испорака на мерливи резултати.
„Нашата порака до партнерите е јасна: потребна е координирана, таргетирана и имплементациски ориентирана поддршка која ќе произведе реални, мерливи и одржливи резултати“, истакна Минчев, додавајќи дека крајната цел е реформите да се преточат во видливи придобивки за граѓаните и забрзување на европскиот пат на државата.






