Македонскиот павилјон е сместен во изложбениот простор „Ex Capella Buon Pastore“ – историски сакрален простор во Венеција, со препознатлива архитектура и автентичен амбиент, кој сведочи за неговата поранешна духовна функција. Денес е адаптиран за културни настани и изложби и нуди специфична атмосфера што овозможува силен дијалог помеѓу современата уметност и историскиот контекст. Неговата интимност и архитектонска карактерност го прават особено соодветен за претставување на национални павилјони во рамки на меѓународни манифестации како Венециското биенале.
Учеството на нашата држава на Венециско биенале претставува дел од долгорочната стратегија за интернационална промоција на македонската култура и уметност. Во изминатите години државата континуирано се претставува со проекти кои третираат актуелни и релевантни теми, со што се зајакнува нејзината позиција во глобалниот културен простор.
Проектот на Велимир Жерновски е избран на јавен конкурс, а комисијата во состав Соња Абаџиева, Ивана Урошевиќ и проф. Симон Шемов стручно ги вреднуваше пристигнатите предлози и оцени дека проектот на Велимир Жерновски е исклучително концептуално јасен и визуелно моќен. Според оценката на комисијата, проектот на едноставен, но ефективен начин ја разработува комплексната тема на современото страдање.
„Особено е истакната неговата способност да воспостави дијалог со класичното уметничко наследство, притоа трансформирајќи го во современ критички исказ. Синергијата помеѓу препознатливата форма на ‘Пиета’ и употребата на ‘златните’ заштитни фолии создава слоевита визуелна и симболичка структура, која истовремено асоцира на историското наследство, но и на денешните глобални кризи. Контрастот помеѓу естетската привлечност и тешката тематска претставува особено силен аспект на делото. Дополнително, проектот се издвојува по својата читливост и комуникативност, нудејќи јасна, но длабоко слоевита порака која е во склад со тематската рамка на Биеналето. Визуелната експресивност и внимателно осмислената концепција го позиционираат делото како современ уметнички коментар за состојбите на (само)уништување, нееднаквост и глобална апатија“, беше наведено во образложението на комисијата.
Велимир Жерновски е современ македонски автор чиј творечки опус се карактеризира со истражување на односот помеѓу просторот, формата и визуелната перцепција. Во својата работа комбинира различни медиуми и пристапи, создавајќи дела кои комуницираат со публиката на суптилен и интелектуално провокативен начин. Неговото творештво е присутно на домашната и меѓународната сцена и придонесува во афирмација на современата македонска уметност.

Венециското биенале е најпрестижната меѓународна изложба на современа уметност и ќе се одржува од мај до ноември 2026. Годинашното, 61. издание е курирано од Којо Куо и има тема „In Minor Keys“ („Во молски тоналитет“) – концепт кој ги истражува суптилните, интимни и често маргинализирани наративи во современото општество. Темата ја поставува уметноста како простор за емпатија, рефлексија и тивок отпор, отворајќи прашања за ранливоста, меморијата и човечкото искуство во услови на глобални предизвици.
На годинашното Биеналето учествуваат повеќе од сто уметници и се претставени над 80 национални павилјони од целиот свет, кои преку разновидни медиуми и пристапи ги адресираат клучните теми на денешницата – од миграции и климатски промени, до политички конфликти и идентитетски прашања.






