Виктор Соколовски е активен како фотограф од 2007 година, кога за првпат самостојно се претставува пред публиката во Скопје, во винoтеката „Темов“, со изложба од 200 фотографии – претежно портрети на музичари и посетители, создадени во тогаш култниот ноќен клуб.
Неговата работа се развива паралелно со ангажманот како фотограф-дописник за SEECULT, еден од најреномираните портали за култура во регионот.
Во 2010 година изложува во Франција (Каен и Ифс) со фотографии од старата скопска чаршија. Во 2011 година на Млад отворен театар се претставува со изложбата „Три“, составена од фотографии од три претстави одиграни во една вечер на различни сцени, а истата колекција подоцна е изложена и на фестивалот „Бош“ во Гевгелија.
Во 2021 година во Кинотека на Република Македонија ја претставува изложбата „Претстава“, која потоа е изложена и во Подгорица под покровителство на КИЦ-Подгорица и Амбасадата на РСМ, како и во 2022 година во НТ Битола, во рамките на фестивалот Браќа Манаки.
Во 2023 година во Културно-информативен центар – Скопје се претставува со изложбата „Stolen Moments“, составена од музички портрети.
„Поврзани / Connected“ е негова десетта самостојна изложба.
Соколовски е пасиониран љубител на музиката и со децении фотографира на Скопскиот џез фестивал и слични музички и културни манифестации – искуство кое го научило да ги лови моментите во нивната најчиста форма. Токму таа школа на брзина, прецизност и интуиција сега доаѓа до полн израз: на своите претходни изложби, авторот веќе се претстави како комплетен фотограф – перфекционист, со храбро oкo за фатен момент и беспрекорна композиција. Тие квалитети тука доаѓаат до израз, затоа што двојната експозиција не проштава грешки – таа бара совршено усогласување на два света во еден кадар, напиша Драги Неделчевски за изложбата.






