четврток, 7 мај 2026

Младите ја креираат зелената иднина – Божиновска додели признанија на победниците на натпреварот за зелени иновации

Со порака дека иднината на државата се гради преку знаење, иновации и поддршка на младите, денеска во Кавадарци се одржа финалето на Националниот натпревар за најдобар бизнис концепт за зелени иновации за средните училишта 2026/2027, под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Објавено на

часот

Сподели

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска присуствуваше на финалниот настан и ги доделила признанијата и наградите на најуспешните средношколски тимови, кои преку своите идеи понудиле конкретни решенија за одржлива иднина, енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и циркуларна економија.

Годинава, на натпреварот учествувале 42 средношколски тимови од целата држава со свои иновативни зелени концепти, а најдобрите осум обезбедиле пласман во денешното финале во Кавадарци.

Првото место го освоил тимот Гроу хаб од ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ – Струмица, второто место му припаднало на тимот Pepper Waste од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, додека третото место го поделиле тимовите Eco Charge Bike од СУГСГ „Раде Јовчевски – Корчагин“ – Скопје и Малеш ер од ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово.

Во своето обраќање, министерката Божиновска порачала дека поддршката на младите не смее да биде само декларативна, туку реална и континуирана политика на државата.

„Овие млади луѓе покажуваат дека Македонија има знаење, креативност и потенцијал за современ развој. Нашата обврска како институции е да создадеме услови тие идеи да прераснат во реални можности, а младите својата иднина да ја гледаат тука – дома. Инвестицијата во младите, во нивните идеи и иновации, е инвестиција во иднината на државата“, истакнала Божиновска.

Таа нагласила дека зелената транзиција не е повеќе прашање на избор, туку неопходност, а младите се клучниот двигател на таа промена.

Натпреварот, кој веќе 18 години претставува една од најзначајните платформи за младинско претприемништво и зелени иновации во државата, е организиран од Центарот за зелени иновации при Машинскиот факултет – Скопје, во соработка со Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.

Со своето покровителство и поддршка, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини продолжува јасно да ја поставува својата стратешка определба – поддршка на младите, инвестиција во знаење и создавање услови Македонија да стане земја во која иновациите се развиваат, а младите остануваат и создаваат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ