Согласно стручните насоки и експертското мислење доставено од Градежниот факултет, се наведува во соопштението, денеска започна затрупување и обезбедување на земјиштето на градилиштето, со цел стабилизација на теренот, спречување на дополнителни оштетувања и заштита на безбедноста на граѓаните и околните станбени објекти.
Градоначалникот Горан Герасимовски упати благодарност до деканот и стручниот тим на Градежниот факултет, кои веднаш излегоа на терен и дадоа конкретни насоки за надминување на состојбата.
„Безбедноста на граѓаните нема цена. Од првиот момент реагиравме веднаш, а денеска на терен заедно со стручните лица ги следиме активностите за стабилизација на просторот. Голема благодарност до деканот и тимот на Градежниот факултет за експертската помош и професионалниот пристап. Ќе постапуваме строго и без компромис кога се работи за неодговорно и несовесно градење“, изјави Герасимовски.
Инспекциските служби на Општина Центар и натаму се на терен и продолжуваат со надзорот и постапувањето. Досега се изречени повеќе санкции, а постапките против инвеститорот и изведувачот продолжуваат, откако е утврдено дека дел од градежните активности не биле изведувани согласно одобрението за градење издадено од Општина Центар.
„Општина Центар останува целосно посветена на надминување на состојбата, обезбедување на просторот и утврдување одговорност за сите констатирани неправилности“, велат од Општината.






