Според Левица, реалната економија „кажува сосема друга приказна“.
„Според макроекономските бројки на Народна банка, имаме пад на земјоделското производство, пад на индустриското производство, зголемен увоз и намален извоз. Домашното производство слабее, а економијата сè повеќе се потпира на задолжување, увоз и јавна потрошувачка наместо на вистинска продуктивност и развој. Економската логика е едноставна, не може да има реален и здрав раст на БДП кога клучните производствени сектори бележат пад. Ова што се претставува како ‘економски успех’ е во голем дел инфлаторен и фиктивен раст. Номиналниот БДП може да расте поради инфлација, поскапувања и задолжувања, но тоа не значи дека граѓаните живеат подобро. Напротив, потрошувачката кошничка е драстично зголемена. Од ден на ден луѓето сè потешко купуваат основни намирници, платите не го следат растот на цените, а животниот стандард опаѓа“, велат од Левица.
Оттаму потенцираат дека народот не живее од статистички презентации и политички спинови, туку од тоа дали може да ја наполни кошничката, да ги плати сметките и да живее достоинствено.
„А реалноста денес е дека огромен дел од граѓаните не го чувствуваат тој ‘раст’ со кој власта секојдневно се фали“, велат од Левица.






