Откако успешно ги мина задолжителните лекарски прегледи, Родригес стави потпис на едногодишен договор со „црвено-црните“, со опција за продолжување на соработката за уште една сезона. Новата ѕвезда на тимот ќе го носи дресот со бројот седум.
Се работи за фудбалер со импресивно резиме зад себе. Со екипата на Динамо Киев има настапувано во Лигата на шампиони, тој е и најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата на Луксембург.
Во интервју за „Спорт1“ тој ветува дека ги научил грешките од минатото и сега сака само да блесне во вистински сјај.
„Би им кажал дека секој фудбалер има свое минато, секој има подеми и падови, но со текот на времето учите од грешките и знаете дека не смеете да ги повторите. Јас сум слободен играч, слободна душа. Сите зборуваат: ‘Родригес сака ова, Родригес сака она’, но со искуството учите како правилно да ги менаџирате работите. Веќе немам 21 година, имам 30, и сега точно знам што правам – кога е време за забава, а кога не. Но, јас не дојдов тука за тоа. Дојдов да докажам дека Жерсон Родригес е сè уште жив, и сите ќе го видат вистинскиот Родригес. Не сум тука за да бидам осудуван, тука сум да зборувам на теренот, да зборувам со топката. Покрај фудбалот имам и приватен живот, но приватното останува приватно. Знам дека ќе бидам максимално професионален“, рече Родригес за „Спорт1“.






