петок, 29 мај 2026

Груевски, „ВИП бегалецот“ на Орбан, добил државјанство и е скоро недопирлив за екстрадиција, објави унгарски медиум

Груевски станал Унгарец и најверојатно сè уште е во Будимпешта, објави унгарскиот портал vsquаre.org, кој повикувајќи се на извори од Владата на Унгарија, пишува дека поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски уште во 2022 година добил унгарско државјанство врз основа на „унгарски државен интерес“. Во меѓувреме, македонското Министерство за правда денеска информираше дека внимателно ги следи информациите објавени во јавноста во врска со наводите дека Никола Груевски стекнал унгарско државјанство и повтори дека тој е човек кој е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки во Македонија.

 

 

Објавено на

часот

Сподели

Повикувајќи се на извори од Владата на Унгарија, порталот пишува дека Груевски, „еден од најдолго засолнетите бегалци на поранешниот унгарски премиер, Виктор Орбан ужива многу посилна правна заштита во Унгарија отколку полските бегалци (поранешниот полски министер за правда Збигњев Жобро, и неговиот поранешен заменик Марцин Романовски) што побегнаа таму“.

Порталот пишува дека кога премиерот Петер Маѓар вети дека Унгарија повеќе нема да биде безбедно засолниште за меѓународни криминалци, поранешниот полски министер за правда Збигњев Жобро, кој доби азил по бегството во Унгарија во 2025 година, се појавил на аеродромот Њуарк либерти во мај годинава, а неговиот поранешен заменик Марцин Романовски, кој побегна во Будимпешта кон крајот на 2024 година по обвиненија за злоупотреба на јавни средства, наводно не успеал да влезе во САД и оттогаш бил забележан во Србија и Хрватска, додека полските служби наводно му се приближуваат.

„Сепак, Унгарија и понатаму останува безбедно прибежиште за барем еден подолгорочен ‘гостин’. Извор од унгарската влада ми потврди дека Никола Груевски, кој живее во Будимпешта од 2018 година, во 2022 година добил целосно унгарско државјанство врз основа на ‘унгарски државен интерес’. Според друг владин извор, се верува дека тој и натаму се наоѓа во Унгарија. Позицијата на Груевски е значително посигурна отколку што некогаш била позицијата на Полјаците, додека политичкиот азил може да биде одземен, полноправното државјанство е многу потешко да се поништи, што му обезбедува ниво на правна заштита до кое ветувањата на Маѓар не можат лесно да допрат“, пишува vsquare.org.

Во написот уште се вели дека одземањето на унгарското државјанство на Груевски би барало да се докаже дека го стекнал со измама или преку корупција.

„Во вториот случај, бидејќи основата за доделување на државјанството била ‘унгарски државен интерес’, обвинителите би морале да докажат дека луѓе од режимот на Орбан биле вмешани во таквите коруптивни зделки. Што, секако, не е сосема невозможно.

Груевски избега од Северна Македонија во ноември 2018 година, само неколку дена пред да започне со издржување двегодишна затворска казна во случајот ‘Тенк’, пресуда за корупција поврзана со набавката на луксузен блиндиран мерцедес вреден 600.000 евра“, пишува порталот.

Од vsquare.org потсетуваат дека според достапните информации Груевски при бегството, прво преминал во Албанија, а потоа преку Црна Гора и Србија, „наводно со помош на унгарско дипломатско возило и, според тогашните извештаи, со вклученост на унгарската надворешна разузнавачка служба – Информативната канцеларија“.

„Владата на Орбан потоа му одобри политички азил, во аранжман што српскиот неделник ‘Време’ го опиша како ‘ВИП бегалец’.

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) одделно тврдеше дека Груевски поседува и унгарски и српски пасош, што отвора прашања колку патни документи може да собере еден осуден бегалец кога има вистински пријатели“,заклучува порталот во својот напис за бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски.

Од медиумот наведуваат дека унгарската влада не одговорила на барање за коментар.

Во меѓувреме, македонското Министерство за правда денеска информираше дека внимателно ги следи информациите објавени во јавноста во врска со наводите дека Никола Груевски стекнал унгарско државјанство и повтори дека тој е човек кој е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки во Македонија.

„Независно од сите шпекулации и неофицијални информации за евентуалниот статус што го има во Унгарија, Никола Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и е лице кое е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки“, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Министерството за правда нагласува дека постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции.

„Во рамки на своите надлежности, Министерството и понатаму ќе ги презема сите неопходни правни и дипломатски чекори во комуникација со надлежните органи на Унгарија“, велат од Министерството за правда.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ