Македонија се соочува со тивка, но длабока социјална и економска криза – кризата на грижата. Додека населението старее, наталитетот опаѓа, а младите масовно се иселуваат, системот за грижа за деца, стари лица и лица со попреченост останува недоволно развиен, фрагментиран и во голема мера потпрен врз неплатената работа во семејството. Најголемиот товар, покажува новата студија „Трансформирање на системите за грижа во Македонија“, и понатаму го носат жените.
Студијата посочува дека системите за грижа денес претставуваат еден од клучните столбови на економскиот развој, социјалната заштита и родовата еднаквост. Но, во Северна Македонија тие не успеваат да одговорат на растечките потреби на населението.
„Додека потребите за грижа стануваат сѐ поголеми, формалниот систем за грижа не се развива со исто темпо. Како резултат на тоа, обезбедувањето грижа и понатаму претежно се потпира на домаќинствата, во рамките на кои одговорностите се нерамномерно распределени и во голема мера паѓаат на товар на жените“, се наведува во студијата.
Авторите предупредуваат дека ова не е само социјално, туку и економско прашање. Ограничените услуги за грижа директно влијаат врз учеството на жените на пазарот на трудот, врз продуктивноста и врз долгорочната одржливост на економијата.
Стареењето ја менува сликата, грижата останува „невидлива“ работа
Според анализата, Македонија веќе влегува во период на изразено стареење на населението. Фертилитетот паднал далеку под нивото потребно за проста репродукција на населението, додека миграцијата дополнително го намалува бројот на луѓе во работоспособна возраст.
„Овие процеси придонесуваат за постепено намалување на големината на населението и трансформација на старосната структура“, предупредува студијата.
Проекциите покажуваат дека во следните децении бројот на постари лица драматично ќе расте, додека бројот на млади ќе се намалува. Тоа значи дека ќе има сè повеќе луѓе на кои им е потребна грижа, а сè помалку луѓе кои можат да ја обезбедат.
Авторите на студијата објаснуваат дека ваквите демографски промени создаваат двоен притисок врз системот, расте побарувачката за грижа, се намалува капацитетот на семејствата да обезбедуваат неформална грижа.
Во пракса, ова значи дека семејствата, особено жените, се соочуваат со сè поголем товар.
Студијата прави разлика помеѓу платена и неплатена работа на грижа. Платената вклучува работа во градинки, домови, центри за грижа и домашна нега, додека неплатената опфаќа чување деца, грижа за болни и стари лица, готвење, чистење и одржување на домаќинството.
„Иако неплатената работа на грижа е од суштинско значење за функционирањето на домаќинствата и општествата, таа често е недоволно призната и недоволно застапена во официјалната економска статистика“, наведуваат авторите.
Во Македонија, како и во многу други земји, се наведува во студијата, оваа работа најчесто ја извршуваат жените. Токму затоа, недостигот од јавни услуги за грижа има директни последици врз нивната економска независност.
Според ФТ, жените почесто работат со скратено работно време, прифаќаат неформална работа, се откажуваат од кариера, остануваат дома заради грижа за деца или постари членови на семејството.
Студијата укажува дека стапката на учество на жените на пазарот на трудот со години останува околу 43 проценти и е значително пониска од онаа кај мажите.
Градинките не ги покриваат потребите, грижата за старите не е доволна
Иако во изминатите две децении бројот на деца опфатени со градинки значително пораснал, системот и натаму не ги задоволува потребите.
Според студијата, денес повеќе од една третина од децата на возраст од 3 до 6 години посетуваат градинка, што е значително повеќе отколку пред дваесет години кога опфатот бил околу 15 проценти. Но, тоа сепак значи дека голем дел од децата остануваат надвор од системот за институционална грижа.
Особено погодени се руралните средини, помалите општини како и семејствата со пониски приходи.
Студијата предупредува дека пристапот до услуги често зависи од местото на живеење, а не од реалните потреби.
Општините имаат клучна улога во обезбедувањето услуги, но нивните финансиски и административни капацитети драстично се разликуваат. Како резултат на тоа, постојат огромни територијални нееднаквости.
Како што наведува ФТ во студијата, особено сериозен е проблемот со долгорочната грижа за старите лица и лицата со попреченост.
Иако Законот за социјална заштита предвидува услуги како помош во домот, дневни центри, лична асистенција и услуги во заедницата, нивната примена останува ограничена.
„Во пракса, системот и понатаму во голема мера се потпира на неформалната грижа од страна на членовите на семејството“, предупредува студијата.
Формалните услуги се недоволно развиени, особено надвор од урбаните средини. Најчесто, товарот повторно паѓа врз семејствата.
„Ова станува сè потешко во услови кога младите се иселуваат, домаќинствата се помали, сè повеќе луѓе живеат сами, а жените се вработуваат“, велат од ФТ.
Студијата предупредува дека државата ќе мора сериозно да инвестира во долгорочна грижа ако сака да избегне дополнително оптоварување на семејствата и социјалниот систем.
Поделен систем без координација
Еден од најголемите проблеми што ги идентификува анализата е фрагментираноста на системот. Грижата е поделена меѓу повеќе институции, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование, Министерството за здравство и општините.
Но, како што потенцираат од ФТ, меѓу нив недостига координација.
„Услугите за грижа и понатаму се сегментирани во различните сектори, со ограничена координација помеѓу политиките за грижа за деца, долгорочна грижа, услуги за лица со попреченост и за пазарот на трудот“, се наведува во документот.
Авторите на студијата оценуваат дека државата сè уште нема вистински интегриран систем за грижа затоа што недостигаат заедничко планирање, поврзани услуги, координирани политики, јасни механизми за поддршка на семејствата.
Иако постојат одредени механизми како породилно отсуство, родителско отсуство и можност за флексибилна работа, студијата оценува дека тие не доведуваат до вистинска прераспределба на грижата меѓу мажите и жените.
Породилното отсуство е девет месеци, но татковското отсуство е ограничено на само седум дена.
Родителското отсуство по породувањето е претежно неплатено и ретко се користи од татковците.
„Постојните одредби и понатаму функционираат изолирано, а не како дел од интегрирана стратегија за грижа“, предупредуваат авторите.
Поради тоа, товарот и понатаму останува врз жените, а родовите разлики на пазарот на трудот дополнително се продлабочуваат.
Потребна е системска трансформација
Студијата нагласува дека вложувањето во системите за грижа не треба да се гледа како трошок, туку како инвестиција.
Според меѓународните искуства подобрите услуги за грижа го зголемуваат вработувањето, отвораат нови работни места, ја намалуваат сиромаштијата, ја подобруваат родовата еднаквост и придонесуваат за повисока продуктивност.
„Докажано е дека вложувањата во системите за грижа имаат повеќекратен поврат“, наведува студијата.
Авторите предупредуваат дека недоволното инвестирање создава „скриени трошоци“, неискористен работен потенцијал, намалена продуктивност, поголема сиромаштија и дополнителен товар врз семејствата.
Студијата повикува на суштинска трансформација на системот за грижа во Македонија.
Меѓу клучните препораки се проширување на мрежата на градинки, развој на услуги за грижа во домот, поголема поддршка за лица кои се грижат за членови на семејството, подобра координација меѓу институциите, развој на услуги во заедницата, поголемо учество на мажите во грижата, интегрирани политики што ќе ги поврзат социјалната заштита, трудот и образованието.
Авторите предупредуваат дека без сериозни реформи државата ќе се соочи со сè поголем јаз меѓу потребите на населението и капацитетот






