петок, 29 мај 2026

Претседателот на Полска предлага одземање на медалот на Зеленски за величење на украинските националисти

Претседателот на Полска, Карол Навроцки денес соопшти дека ќе побара на украинскиот претседател Володимир Зеленски да му биде одземен полскиот Орден на белиот орел поради величење на украински националисти кои соработувале со нацистите за време на Втората светска војна и вршеле етничко чистење во регионот Волиња, убивајќи Полјаци, Чеси и Евреи.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„За жал, претседателот Зеленски докажа дека Украина, бидејќи ги слави бандитите, убијците од Украинската востаничка армија (УПА), ментално не е подготвена да биде дел од европското семејство“, реагираше денес Навроцки на одлуката на Зеленски од средата да именува една од единиците на украинската армија Херои на Украинската востаничка армија.

Полскиот претседател денеска изјави пред новинарите дека грешат оние во ЕУ кои сакаат Украина брзо да стане членка, бидејќи во европското семејство не смее да се величаат бандити и убијци кои убивале Полјаци, жени и деца, а одлуката на Зеленски ја нарече неразумна.

„Денес треба јасно да се каже. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ даде најдобар материјал и полна пареа на руската пропаганда“, рече Навроцки.

Полскиот претседател на 8 јуни на следната седница на органот кој одлучува за тоа највисоко полско државно одликување основано уште во 1705 година ќе побара на Зеленски да му биде одземен орденот.

Зеленски беше одликуван со Орденот на белиот орел во 2023 година.

Полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кервијнски, исто така, ги осуди обидите на Зеленски да ги рехабилитира украинските националисти денес, кои за Украинците се симбол на антисоветското движење на отпорот, додека за Полјаците тие се поврзуваат исклучиво со соработката со нацистите на Хитлер и масакрот во Волхинија, во кој единиците на УПА убија околу 100.000 Полјаци во 150 села во тој дел од денешна западна Украина, како и чешко население и Евреи.

„Сигурно е дека нашата дипломатија ќе реагира бидејќи оваа одлука е лоша. Но, не би сакал да почнеме со хистерични реакции“, рече Кервински и додаде дека е против одземањето на орденот, бидејќи треба да имаме предвид дека најважно денес е борбата против рускиот империјализам.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ