среда, 22 јули 2026

Нови податоци ја откриваат големината на топлотниот бран во Франција: починале повеќе од 5.700 луѓе

Во Франција се регистрирани 5.764 смртни случаи во периодот од 17 јуни до 2 јули, кој се совпаѓа со топлотните бранови што ја зафатија земјата. Информацијата во средата ја објави националната агенција за јавно здравје, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Овој број е значително поголем од првата проценка што кон крајот на јуни ја изнесе министерката за здравство Стефани Рист, според која бројот на починати изнесувал 2.025. Според новите податоци, стапката на смртност во набљудуваниот период била за 36 отсто повисока од вообичаената. Агенцијата наведува дека вкупниот број од 5.764 случаи ги опфаќа сите причини за смрт.

Временската анализа покажува дека повеќе од половина од смртните случаи биле регистрирани во краткиот период од 25 до 27 јуни. Според возраста, најпогодени биле постарите граѓани – приближно две третини од починатите биле постари од 75 години. Од агенцијата порачаа дека станува збор за привремени податоци и дека конечниот извештај ќе биде објавен кон крајот на летото.

Франција уште кон крајот на јуни предупреди дека вистинскиот број на починати веројатно ќе биде значително поголем од првичните проценки, бидејќи податоците за смртноста се собираат со задоцнување. Тогаш биле регистрирани околу 2.025 смртни случаи, но здравствените власти истакнаа дека конечниот биланс сè уште не е познат.

Топлотниот бран што ја зафати Франција е дел од поширок бран екстремни горештини во западна и јужна Европа. Високите температури ги погодија и Шпанија, Италија, Грција и други земји, а научниците предупредуваат дека климатските промени ја зголемуваат зачестеноста и интензитетот на ваквите појави.

Здравствените власти во Франција најавија дека детално ќе ги анализираат причините за смрт и регионалните разлики и ќе објават конечен извештај откако ќе бидат обработени сите податоци собрани во текот на летото.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ