Во својата прва голема политичка изјава по убедливиот изборен пораз, Орбан објави „Декларација за отпор“ на Фејсбук доцна во вторникот, кратко откако неговата партија Фидес објави дека обвинителите извршиле рација во просториите каде што се сместени нејзините сервери.
Обвинителите во одговор до Ројтерс преку електронска пошта изјавија дека акцијата е поврзана со истрага за „ненаменско трошење средства и други кривични дела“ во Националниот фонд за култура за време на владата на Орбан.
Орбан изјави за новинарите дека обвинителите ги одзеле серверите што ги содржат базите на податоци и електронските пошти на членовите на партијата, велејќи дека тоа е политички мотивиран потег со цел законски да се спречи работењето на Фидес.
„Случајот со Националниот фонд за култура беше само изговор“, рече Орбан, додавајќи дека немало нерегуларности.
Главниот обвинител на Унгарија, Габор Балинт Наѓ, денес поднесе оставка поради големите кадровски промени што започнаа откако премиерот од десниот центар, Петер Маѓар, ја презеде функцијата во мај.
Маѓар, чија партија Тиса убедливо го победи Фидес на изборите, вети дека ќе ги врати демократските стандарди и постојано ги повикува високите функционери назначени или избрани од владата на Орбан да поднесат оставки, вклучително и главниот обвинител.
Наѓ објави дека ќе ја напушти функцијата на 25 август. Парламентот, во кој Фидес во тоа време имаше мнозинство, го избра за главен обвинител во јуни 2025 година, со мандат од девет години.
„Неодамна, организацијата што ја водам беше изложена на низа напади насочени кон мене, кои далеку ги надминаа рамките на прифатлива професионална и јавна дебата, и покрај фактот дека го извршував мојот мандат во согласност со законот“, се вели во соопштението на Наѓ.
„Со ова, земјата се ослободи од уште една марионета на Орбан која стоеше на патот на промената на режимот“, напиша Маѓар на Фејсбук, реагирајќи на оставката.
Орбан во објава на социјалната мрежа изјави дека Унгарија „престана да биде демократска држава“ откако парламентот, со гласовите на владејачката партија, усвои уставен амандман со кој се прекинаа мандатите на претседателот на државата и на претседателот на Уставниот суд.
Претседателот Тамаш Шуљок го потпиша амандманот во саботата, со што заврши неговиот мандат, како и мандатот на претседателот на Уставниот суд. Се очекува Парламентот наскоро да избере нов претседател.
Во амандманот, како причина беше наведено „сериозното губење довербата“ на јавноста во Шуљок, кој беше избран во 2024 година од пратениците на партијата Фидес на Орбан.
Тиса негира дека води авторитарна политика против политичките противници. Партијата вети дека ќе се бори против корупцијата, за која вели дека била широко распространета за време на владеењето на Орбан, како дел од напорите за враќање на Унгарија во главните текови на Европската Унија.
И самиот Орбан за време на своето владеење беше изложен на остри критики поради состојбата на демократските стандарди во Унгарија и често беше во судир со Европската Унија по прашања како владеење на правото и правата на малцинствата. Тој ги отфрла обвинувањата за корупција.
„Новиот политички систем создаден на овој начин е нелегитимен. Фидес ќе ги употреби сите мирни средства против злоупотребата на моќта, и во Парламентот и надвор од него“, рече Орбан.
Тиса има двотретинско мнозинство во Парламентот, што ѝ овозможува да ги укине промените воведени за време на владеењето на Орбан, за кои Маѓар тврди дека ѝ наштетиле на демократијата.
Партијата, исто така, ужива силна јавна поддршка. Според анкетата на агенцијата „Медијан“ спроведена претходно овој месец, Тиса има поддршка од 60 проценти од гласачите, додека Фидес има поддршка од 18 проценти. По изборите, Фидес е во хаос, а претседателот на нејзината парламентарна група поднесе оставка минатата недела.





