
Како што стои во Конкурсот, за академската 2021/2022 година за студентите се обезбедени 5.235 легла во државните студентски домови и други сместувачки објекти, од кои 1.249 се за студенти од прва година, а 3.986 легла се предвидени за студенти од втора, трета, четврта, петта и шеста година, како и за апсолвенти.
Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.
Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на следниот линк, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во студентскиот дом.
Рокот за пријавување на студентите од втора година и повисоките години почнува од 26 јули и ќе трае до 20 август 2021. Рокот за пријавување на студентите од прва година почнува од 6 септември и трае до 24 септември 2021. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови ќе останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи додека се пополнат, но најдоцна до 15 ноември 2021.






