недела, 17 мај 2026

Човештвото е блиску до точка без враќање, предупредува британски демограф

Светот пред демографски крах поради падот на наталитетот.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Наглиот пад на наталитетот во голем број земји, без оглед на нивниот економски развој, би можел да доведе до тешки демографски последици и долгорочно да го загрози опстанокот на човештвото, предупреди британскиот писател, демограф и публицист Пол Морланд во разговор за Ноје цирхер цајтунг.

Морланд оцени дека трендот на ниска стапка на раѓања повеќе не може да се гледа како проблем на поединечни богати држави, туку како глобален процес што ги зафаќа и развиените и посиромашните земји.

Како еден од најдрастичните примери ја наведе Јужна Кореја, земја што веќе со години бележи една од најниските стапки на фертилитет во светот.

Според податоците на јужнокорејската статистика, стапката на фертилитет во таа земја во 2023 година паднала на 0,72 деца по жена, што е далеку под нивото потребно за проста репродукција на населението.

„На секои 100 Јужнокорејци родени денес, во следната генерација ќе бидат родени околу 40, а во генерацијата по неа само 16. За две генерации ќе изгубиме 84 отсто од населението, а потоа уште 84 отсто, што ќе заврши со катастрофа“, рече Морланд.

Тој додаде дека човештвото сè уште не ја преминало точката по која нема враќање, но предупреди дека сегашните трендови не смее да се игнорираат.

Според него, погрешно е уверувањето дека намалувањето на бројот на жителите само би ја „вратило планетата во претходна состојба“ и дека не би предизвикало длабоки економски и социјални потреси.

Морланд како особено ризичен пример ја наведе Јапонија.

Таа земја во 1960 година имала околу 100 милиони жители, до 2010 бројот пораснал на околу 130 милиони, додека до средината на векот се очекува повторен пад.

Проблемот, како што истакна, не е само во вкупниот број луѓе, туку и во старосната структура на населението.

Пред повеќе од шест децении, наведе Морланд, на секое постаро лице во Јапонија доаѓале повеќе луѓе во работоспособна возраст, додека во наредните децении, ако трендот продолжи, тој однос би можел да се приближи до размер еден спрема еден.

И податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) покажуваат дека Јапонија веќе има највисок однос на постари лица во споредба со работоспособното население меѓу развиените земји, додека за Јужна Кореја се очекува до средината на векот да стане една од најстарите земји во ОЕЦД.

Морланд смета дека државите мора да реагираат не само со финансиски поттикнувања, туку и со пошироки општествени промени.

Тој оцени дека е потребно да се менуваат образовниот систем и јавниот дискурс, за семејството и децата повторно да бидат претставени како едни од најважните и најпозитивни вредности во животот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ