Заклучно со 26 септември со една доза на вакцина против ковид-19 вакцинирани се 46,9% од населението над 18 годишна возраст. Кај лицата над 40 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 55%, кај лицата помеѓу 18-39 години опфатот со една доза на вакцина изнесува 31%.
Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во градовите Неготино(65,1%), Кавадарци(64,3%), Охрид(63,9%) и во Гевгелија (61,4%). Помеѓу 50-60% опфат на вакцинирано население со прва доза има во градовите Битола, Д.Хисар, Ресен, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Валандово, Штип и Пробиштип.
Помеѓу 40-50% опфат на вакицнинирани граѓани има во градовите Кичево, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Струга, Македонски Брод, Скопје и Тетово.
Најмалку вакцинирани во моментов има во Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и во Радовиш каде опфатот е под 40 проценти.

Инаку, Министерството за здравство информира дека во текот на вчерашниот ден прва доза вакцина вчера примиле 1.820 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 7.207 граѓани. Со овие податоци, бројот на целосно имунизирани граѓани во однос на прикажаната табела е зголемен и сега изнесува 721.156 граѓани.
Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Вакцини има доволно и истите се достапни за сите што сакаат да се вакцинираат, велат од Министерството за здравство.
„Со извршена комплетна вакцинација се заштитувате себеси и своите најблиски од компликации на болеста предизвикана од вирусот ковид-19. Вакцините штитат од смртен исход и спречуваат натамошно ширење на вирусот. Ги повикуваме сите кои досега не се вакцинирале, да го направат тоа во најскоро време и на еден од најблиските пунктови до местото на живеење“, потсетува Министерството за здравство.






