четврток, 21 мај 2026

Иран: Произведовме оружје кое сè уште не е употребено на бојното поле, нема да се воздржуваме

Додека дипломатските напори продолжуваат, тензиите меѓу Иран и САД растат со закани од двете страни. Неименуван ирански воен претставник изјави дека Техеран поседува напредно, но нетестирано оружје и дека овој пат нема да дејствува воздржано, додека Белата куќа предупреди за воена акција „невидена во модерната историја“ ако Иран не ги прифати условите на САД, објави Ал Џезира.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во исто време, двете земји разменуваат пораки преку Пакистан за евентуален прекин на огнот, објавија руските и иранските медиуми, како и Фокс њуз.

Зборувајќи за подготвеноста на Иран за евентуален нов американски напад, воен извор за руската новинска агенција РИА Новости изјави дека Техеран е целосно подготвен за ескалација. „Произведовме наше сопствено, современо оружје кое сè уште не е употребено на бојното поле и всушност не е тестирано“, рече претставникот.

„Во однос на опремата и одбранбените способности, немаме никакви недостатоци што би нè спречиле да ја браниме земјата“, нагласи изворот, додавајќи: „Овој пат немаме намера да се воздржуваме“.

Во услови на засилена реторика, Исламабад помага во посредувањето меѓу Вашингтон и Техеран. Иранската новинска агенција Нур објави дека двете страни разменуваат пораки за текстот на предложениот документ за прекин на огнот.

„Врз основа на оригиналниот предлог од 14 точки на Иран, размената на пораки се случи во неколку наврати“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, за време на посетата на пакистанскиот министер за внатрешни работи, Мохсен Накви, на Иран.

„Ја добивме позицијата на американската страна и сега ја разгледуваме“, додаде Багаеи.

Од американска страна, заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер, издаде строго предупредување до иранското раководство поради застојот во преговорите. Во разговор за Фокс њуз, Милер рече дека администрацијата во Техеран се соочува со клучен ултиматум од САД.

„Новото раководство во Иран има избор“, рече Милер. „Тие можат или да се согласат со документ што е прифатлив за САД или да се соочат со воена одмазда каква што не е видена во модерната историја. Тоа е изборот со кој се соочуваат“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ