понеделник, 18 мај 2026

Кумановски ученици преку видеоприказни им оддадоа почит на светите браќа Кирил и Методиј

Основци и средношколци од Куманово денеска преку авторски видеоприказни ја покажаа својата креативност и почит кон делото на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, во рамки на настанот „Од азбука до алгоритам – приказни што живеат“

Објавено на

часот

Сподели

Во организација на Здружението на просветни работници, а со поддршка на Општина Куманово, денеска се одржа настанот „Од азбука до алгоритам – приказни што живеат“, на кој ученици од основните и средните училишта презентираа видеоприказни посветени на Свети Кирил и Методиј. Организаторите информираа дека станува збор за продолжение на минатогодишните ликовни и литературни работилници, но годинава фокусот бил ставен на видеоформата како начин младите креативно да го изразат својот однос кон просветителството, јазикот и културниот идентитет.

„Годинава здружението одлучи да ги активира и поттикне најмладите – учениците од седмо, осмо и деветто одделение, како и средношколците, да креираат видеоприказни во чест на нашите сесловенски просветители Свети Кирил и Методиј. Учениците, поттикнати од нивните ментори, создадоа прекрасни видеа коишто денес ќе имаме можност да ги проследиме-изјави, претседателката на здружнеито“, Анита Димовска.

Таа посочи дека видеата ќе бидат оценувани од тричлена жири-комисија според однапред утврдени критериуми, а најдобрите ќе бидат наградени на свечената седница по повод изборот на „Просветен работник на 2026 година“, што ќе се одржи на 2 јуни. Организаторите нагласија дека преку вакви активности сакаат младите да ги користат социјалните мрежи и дигиталните алатки на едукативен и креативен начин, наместо за негативни појави како сајбер-насилството.

„Сликата вреди илјада зборови, а сликите во движење се секојдневие на нашите ученици. Токму затоа одлучивме да ги поттикнеме социјалните мрежи да ги користат на ваков начин, да создаваат, споделуваат и промовираат едукативни содржини“, вели Димовска.

Сите видеа ќе бидат објавени на социјалните мрежи на здружението и училиштата, со цел, како што беше речено, „да се шири светлината на словото, просветителството, културата и јазикот“.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ