среда, 20 мај 2026

Отворено писмо на студенти до министерката Јаневска: Соништата на младите умираат со Ваш потпис!

Почитувана министерке Јаневска, историјата нема да Ве памети по говорите, туку по празниот простор во амфитеатрите, полните редови пред аеродромите и солзите на мајките чии деца ги протеравте, се вели во отвореното писмо на стотина студенти до министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Објавено на

часот

Сподели

Писмото го објавуваме во целост:

Бидејќи на ниту едно писмо пратено од страна на секој студент кој стои позади ова писмо немате ниту вратено ниту повикано на состанок, Ви се обраќаме не со протоколарен почит, туку со длабока болка во градите и со бес кој повеќе не може, не смее и нема да молчи. Ви се обраќаме не само како на функционер, туку како на професор, како на родител и човек кој пред да биде заслепен од моќта, веројатно некогаш верувал во вредноста на знаењето. Ви се обраќаме во името на една згазена, изиграна, понижена и протерана младина. Ви се обраќаме гледајќи како образованието во Македонија под Ваша палка се претвора во гилотина за соништата на најдобрите, во арена за партиски пазарења и во штит за послушниците. 

Дали спиете мирно, министерке? Дали Ви трепери раката додека потпишувате одлуки со кои ладнокрвно, со еден потег на перото го бришете и поништувате сонот на студентите со висок успех? Зборуваме за деца кои со години крвавеле за тоа знаење. Деца кои не спиеле, кои го жртвувале своето здравје, чии родители одвојувале од сопствената уста за да ги школуваатВие нивниот чист интелект го прогласивте за безвредна хартија. Наместо да им приредите прием во Министерството, наместо да ги прашате како државата може да ги задржи, Вие им ја затворивте вратата пред нос. Вие, министерке, со сопствени раце им ги спакувавте куферите. Им купивте еднонасочен билет и буквално ги избркавте, ги измававте од сопствената татковина! Која е пораката што ја праќате? Дека во оваа земја извонредноста е грев, а знаењето е опасност? 

Она што ја прелива чашата, она што боли до коска и претставува класичен доказ за гнилежот на системот кој го раководите е Вашиот однос кон оние кои ги уништија студентите. Јавно Ве прашуваме: Дали е вистина дека инспекторите кои го спроведоа тој срамен, диригиран инспекциски надзор на Филозофскиот факултет и брутално ги оштетија студентите, наместо казна од Вас добија повисоки функции и унапредувања?! Срамно е, министерке! Монструозно е да ги унапредувате џелатите на студентската иднина за Вашите политички цели, за целите на деканот на Филзоофски факултет. Додека студентите плачат над своите поништени трудови и дипломи, Вашите инспектори слават унапредувања преку нивниот грб. Тоа не е меритократија, тоа е институционално насилство врз сопствената младина! 

А како ги наградувате оние што учат? Со мизерија. Кратењето на средствата за стипендиите за висок успех на бедни 25% е шамар во лице за секој интелигентен млад човек. Кажете им во очи: Зошто да учат тогаш? Зошто некој би се трудел за просек 10, кога сопственото Министерство го вреднува неговиот ум колку за едно мизерно кафе и парче леб? Ова не е штедење во буџетот, ова е свесно, намерно и систематско убивање на мозокот и интелектот на оваа нација! 

Но, студентите не молчат, министерке! Ако Вашите соработници во МОН Ве уверуваат дека сè е во ред, дозволете да Ве потсетиме на реалноста која очигледно сакате да ја заборавите. Јавноста уште ги памети воодушевувачките и болни слики од Вашиот дебакл пред Филозофскиот факултет. Заборавате ли како бевте брутално исвиркана од стотици студенти на тој собир? Заборавате ли како одекнуваа бесните извици и свирежите на револтираната младина која јасно, гласно и директно во лице Ви кажа дека Ви е прочитана играта? Тоа не беа „политички опоненти“, министерке туку тоа беа гневни, изманипулирани млади луѓе на кои им дојде преку глава од Вашите празни ветувања, од хаосот со студентските оброци, од доцнењето на стипендиите и од Вашата рамнодушност кон најдобрите. Наместо да го слушнете тој свиреж како последен аларм и да застанете на страната на студентите, Вие продолживте да газите по нив. Додека ги казнувате нашите најдобри студенти, јавноста е сведок на загрижувачки и опасни двојни стандарди. Гледаме како во високото образование, како на пример на Филозофскиот факултет се штитат тесни, клановски интереси директно на штета на студентските права. Истовремено, се соочуваме со најостра маргинализација на албанските студенти, со што образованието наместо да биде место на еднаквост стана терен за етнички поделби и политички пазарења. Како е можно Вашата администрација да покажува неверојатна брзина и „еластичност“ кога нострифицира странски дипломи со стручно образование за академски цели, додека нашите, домашни стручни кадри ги мавате по глава и им ги поништувате дипломите? Зошто туѓото, па дури и кога е сомнително е поважно од трудот во македонскиот образовен систем? 

Вашиот мандат веќе е натежнат од скандали: од колапсот со доцнењето и катастрофалните грешки во учебниците, па сè до Вашите јавни изјави кои често звучат како наредби од некое минато, темно време Студентите не се бројки во Вашите ексел-табели! Министерке Јаневска, ова повеќе не е само политичка критика – ова е крик за опстанок! Ова е крик на една генерација која ја губи последната трошка надеж во оваа земја. Студентите не се бројки во Вашите извештаи, ниту статистика за кратење трошоци во буџетот. Тие се луѓе со скршени срца, со згазено достоинство и уништени судбини. Секој млад човек што сте го натерале да си замине од државата е Ваш личен, професионален и морален дебакл. Вие ги прогонувате оние кои требаше да ја лечат оваа земја, да ја градат и да ја водат во иднината. 

Историјата нема да Ве памети по Вашите стерилни прес-конференции, празни говори и политички изговори. Ќе Ве памети по ехото од празниот простор во амфитеатрите, по гужвите на аеродромите, по свирежите што уште одекнуваат на УКИМ и по солзите на мајките кои ги испраќаат своите деца во туѓина, додека Вие во Скопје ги унапредувавте инспекторите што ги сопреа нивните соништа. Престанете да ги штитите институционалните и партиските интереси на штета на младите. Сфатете дека без студентите Вие немате министерство, а Македонија нема иднина! Вратете им ја правдата и достоинството на студентите пред да биде предоцна. Или едноставно, излезете јавно и признајте ја Вашата крајна мисија: дека целта е да ја испразните оваа држава од сè што е паметно, чесно, прогресивно и способно. 

И за крај, министерке, додека Вие ги усовршувате Вашите пресметки, ние веќе гледаме кон некои други хоризонти. Својата иднина ја гледаме во туѓи држави, па затоа веќе не ги учиме Вашите погрешни лекции – учиме странски јазици и се подготвуваме за таму. Бегаме таму каде што нашиот ум ќе биде препознаен, сакан, платен и ценет, бидејќи тука, во сопствената татковина, нè претворивте во никој и ништо! И додека самиот премиер Христијан Мицкоски јавно апелира и моли младите и студентите да се вратат дома, ние јавно го прашуваме него: Премиере, дали со овие брутални и понижувачки потези на Вашата министерка мислите дека некој некогаш ќе се врати? Дали со гилотина за дипломите, со парче леб за оброк и со унапредување на нашите џелати ќе нè убедите да останеме? Не, премиере! Со оваа политика, Вие не нè враќате – Вие со засилен интензитет нè бркате. Ни оставивте само еден избор: да ја сакаме Македонија во срцата, но да ја градиме туѓината, бидејќи тука соништата на младите умираат со Ваш потпис! 

Оваа слика го прикажува најмрачниот егзодус на една нација: колона од скршени млади луѓе кои на аеродромските писти ги палат своите згазени дипломи, додека министерката ладнокрвно и немо го набљудува пустошот што самата го создаде. Ова не смее да биде лицето на македонското образование – ова е споменик на институционалниот срам и погребот на нашата иднина!

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ