Анкара смета дека токму нестабилноста на Блискиот Исток би можела да отвори простор Турција да стане алтернатива на земјите од Персискиот Залив.
Дваесет години даночни олеснувања
Нов закон, кој веќе го помина парламентарниот комитет, е насочен кон луѓе и компании кои не биле даночни обврзници во Турција во последните три години.
На оние кои до јули 2027 година ќе го префрлат својот имот од странство, девизите, злато или хартии од вредност, Анкара им нуди до 20 години ослободување од данок на доход остварен надвор од земјата.
Данокот на наследство и подароци ќе биде практично симболичен и ќе изнесува само еден процент, што е драстично намалување во споредба со претходните стапки.
Владата отвори можност за легализација на претходно непријавени средства без казни, доколку дел од капиталот е инвестиран во државни обврзници или други домашни финансиски инструменти.
Големо намалување на даноците за извозниците
Посебен фокус е ставен на извозот и финансискиот сектор. По падот на извозот од 6,4 проценти во март, владата планира значително намалување на корпоративните даноци.
За извозниците на стоки, даночната стапка се намалува од 25 на само девет проценти, додека другите извозници ќе плаќаат 14 проценти.
Во исто време, Ердоган сака да го претвори Истанбул во регионален финансиски центар по примерот на Сингапур или Хонг Конг. Компаниите што работат меѓународно од Истанбул ќе бидат ослободени од корпоративни даноци, а големите корпорации што ќе ги преместат регионалните седишта таму ќе добијат даночни олеснувања две децении.
Помалку бирократија, побрзи дозволи
За дополнително привлекување инвеститори, Анкара планира значително да ја намали бирократијата. Сите административни процеси, од основање компании до работни дозволи и еколошки одобренија, треба да се обединат преку уникатен дигитален систем под контрола на претседателскиот кабинет.
Презентирајќи ги реформите, Ердоган порача дека Турција повеќе не е само „мост меѓу истокот и западот“, туку клучен енергетски и трговски центар на регионот.
„Денес, Турција е остров на стабилност и еден од новите центри на моќ во мултиполарниот свет“, кажа турскиот претседател.
Економистите се скептични: „Ова е потрага по свежи пари“
Сепак, многу економисти не го делат оптимизмот на владата.
Независниот економист од Истанбул Емре Ширин оценува дека даночните олеснувања се очаен обид за привлекување нов капитал во земја која со години се соочува со длабока економска криза.
„Нема повеќе ресурси што можат да се исцрпат. Владата се обидува да привлече пари по секоја цена за да не се насука бродот“, смета Ширин.
Според него, странските директни инвестиции речиси пресушиле, додека домашните компании или банкротираат или ги преместуваат своите операции во странство.
Инфлација и недоверба
Турција веќе шест години се соочува со сериозна економска криза, која дополнително беше продлабочена со политиката на Ердоган на ниски каматни стапки.
Официјалната инфлација моментално изнесува 32,4 проценти, но независните економисти велат дека реалната стапка е многу повисока и ја проценуваат на повеќе од 55 проценти.
Обвинувањата за политички притисок врз државните институции се дополнителна загриженост. Во текот на викендот Ердоган го разреши директорот на националниот завод за статистика, додека независноста на централната банка е доведена во прашање со години.
Дали Истанбул навистина може да стане новиот Дубаи?
Иако војната против Иран го зголемува интересот за побезбедни инвестициски дестинации, многу аналитичари веруваат дека само даночните олеснувања нема да бидат доволни.
Економистот Синан Алчин предупредува дека ако Турција сака сериозен прилив на странски капитал, прво мора да ја врати довербата во владеењето на правото, независните институции и слободата на медиумите.
Затоа многу експерти го гледаат планот на Ердоган повеќе како краткорочна финансиска инјекција отколку како долгорочно решение за турската економија.






