вторник, 19 мај 2026

Деца пишуваа писма до Царовска: Сакаме книги со корици да може да ги листаме, а не дигитални учебници

Објавено на

часот

Сподели

Во замислените писма до МОН, мислењата на децата околу настава со физичко присуство се поделени. Едни велат дека не треба да одат на училиште се додека трае пандемијата, а други пак, апелираат дека местото на децата е во училишните клупи и сакаат да ги видат своите другарчиња. 

Но, децата се едногласни кога станува збор за учебниците, и тие велат дека сакаат книги со корици, а не дигитални учебници. 

Ви пренесуваме дел од писмата кои децата добија задача да замислат дека ги испраќаат до Министерството за образование и наука :

„Драга министерка. Јас сакам да одам на училиште со физичко присуство, не сакам да седам од дома да учам. Од септември ќе бидам 6 то одделение и ќе имам нови наставници, сакам да ги запознаам во училиште а не онлине. Јас сум срамежлива на часовите, и така они нема да ме запознаат вистински каква сум и колку знам“

„Не сакаме да учиме од дигитални учебници и сакаме да се вратиме на училиште“

„Сакаме книги со корици, не дигитални“

„Сакам да има вакцини за мајка ми и татко ми ако не се стари, брат ми да може слободно да се дружи со други деца и да оди на логопед и на дефектолог како што му викаат, да можам да одам во Џамбо со баба ми без да се плашам дека ќе се разболи, да можам да се дружам во маало со моите другарки сите нивни родители да бидат вакцинирани и да се опуштиме“

„Додека целосно не заврши пандемијата да не не враќаат во училиште“

„Пред се ви се заблагодарувам што и нас учениците не слушате за мислење па се надевам дека и ќе примените некои искуства од прашалникот. Мене лично ми се допадна онлајн наставата па и учебници си фотокопирам сама или си ги пресликувам од е учебници бидејќи сум имала многупати делови каде немало страна или ишкртана или пак толку бил нечист и мирисал лошо што не сум можела да учам од него ми се лошело. А пред се наставникот не можел да ми го замени и немало друг подобар учебник. А и не сум во можност да одам секогаш во училиште бидејќи имам генетски хронично заболување и чести хоспитализации во болница по 15 дена, а оваа година бев многу подобра со здравјето бидејќи не бев изложена на вкрстени инфекции и имав време да се грижам и за моето здравје а да не отсуствувам од часови“

„Кога ќе ги донесуваат одлуките да размислат како би постапиле доколку тие би биле на наше место“

„Сакам во училиште, несакам онлајн повеќе, несакам дигитални учебници, дозволете да се дружиме како порано, да учиме, да бидеме испрашувани така што ќе не гледаат наставниците“

„Сакам да се вратам во училишна клупа и да ја делам со другарче, кога ми е нејасно да разговараме на таа тема, да играме во училишниот двор да нема предрасуди без разлика на нација“

„Онлајн наставата беше тешка, но беше ново искуство, присуството во училиште е потешко, наставниците бараат повеќе учење, според мене ако од следната година бидеме во училиште ќе ни биде многу тешко“

„Да се вратиме на училиште и да нема дигитални учебници и ако може да има помалку за учење (тоа што навистина ќе ни треба во животот и што е соодветно за нашата возраст)“

„Зошто кафаните работеа и тоа без маски, а училиштата беа затворени?“

„Ќе ги замолам да ни дозволат учење со присуство во училиште но да сме помал број на деца во училница. Вака немаме воздух во мал простор и многу е голема галамата“.

Дополнително, учениците имаа можност да ги проценат позитивните и негативните страни од учење по пат на дигитален учебник. Тие велат дека позитивните страни се тоа што не мораат да носат книги и напредуваат во технологијата, но негативните се тоа што се изложени на големо зрачење од уредите за следење на онлајн наставата, тоа што им се загрозува видот и здравјето, потешко се учи, нема секој можност за дигитален уред, а со тоа не би имал пристап до учебниците, тоа што не пишуваат, туку куцаат, може да им го уништи ракописот, ако нема интернет, нема ниту настава. 

Дел од нивните одговори се следни:

„Нема ништо добро од дигитален учебник, јас сакам учебник да можам 100 пати да го прелистам да прочитам едноставно да го држам во раце и да си учам“

„Многу деца кои имаат проблеми со интернетот не би имале пристап до нив. Исто така со нормалните учебници полесно се учи со тоа што можеш да го заокружиш/потцрташ најважниот дел или делот на кој треба повеќе внимание да вложиш“

„Се е лошо, по цел ден пред компјутер“

„Дека не е здраво за моите очи, р’бет, нозе, мозок итн…“

„Нема добри страни; Ништо не е добро со дигитални учебници“

„Нема да пишуваме во него како до сега и може да ми се уништи ракописот“

„Нон стоп пред компјутер, лаптоп и телефон,многу зрачење и не е исто како обичниот учебник“.

Ограничувачките мерки донесени во вонредна состојба значително се однесуваат на децата: училиштата престанаа да работат; движењето е ограничено; можноста да се видат деца со нивните врсници е ограничена и не се препорачува; наставата се одвива на далечина, преку различни апликации.  Децата се изложени на продолжен страв од опасност од заразување со корона вирусот. Децата кои имаат поподдржувачка семејна средина подобро се прилагодуваат на кризата и вонредната состојба. Децата пријавуваат дека им недостасуваат социјални активности (дружење, дружење, пријатели, излегување) и слобода на движење. Значителен процент изјавиле дека им недостасува училиште, но, судејќи според некои одговори, тие првенствено го пропуштаат социјалниот аспект на овие институции, а не образовниот“, стои во заклучокот на Анализата на Меѓаши за која податоците беа собрани анонимно и на доброволна основа во текот на јуни и јули 2021.

К.Д.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ