Според обвинението, двајцата обвинети во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, а со денеска презентираните докази обвинителството настојува да ја поткрепи документацијата за набавката, евиденцијата и аплицирањето на лековите, како и податоците за нивната потрошувачка и финансиска вредност.
Обвинителството пред судот презентираше три цедеа со електронска документација, меѓу која ексел табели и скенирани документи од болничкиот информатички систем „ХИС“ на ЈЗУ УКРО, со податоци за хоспитализации, медицински досиеја, аплицирана и потрошена терапија, финансиски пресметки и постапки за јавни набавки на биолошка, моноклонална и таргет терапија. Во дел од документацијата биле содржани и податоци за лекари на прием и испис, како и дописи и одлуки поврзани со спецификации и набавки на лекови за потребите на Клиниката.
„Со ова се прикажува вкупниот вид и количина на лекови, колку е евидентирана како потрошена и од страна на кој лекар е одобрена за апликација при прием и испис“, рече јавната обвинителка.
Бранителката на второобвинетиот Нехад Нухи, адвокатката Анита Бегова, пак, приговараше на вака изведените докази оценувајќи дека обвинителството презентирало ексел табели и копии без заверка, наместо официјални финансиски документи.
„Наместо завршни сметки за финансиски податоци од УКРО, обвинителството презентира некакви ексел табели … Во најголем дел документите со во копија без печат ‘верно на оригинал’ и потпис, со што нивната автентичност не може да се испита, па се неподобни како доказ. Дел од документите се во електронска верзија, чија автентиност исто така, не може да се испита, ниту пак изворот од каде се обезбедени овие документи. Вакви докази не се изведуваат туку треба да се издвојат и ковертираат “, вели Бегова.
На претходното рочиште одбраните на двајцата обвинети имаа спротивставени ставови околу начинот на изведување на доказите. Бранителот на првообвинетиот Никола Васев, адвокатот Боби Спирковски, побара селекција и читање само на клучните докази за да се избегне одолжување на постапката, додека одбраната на Нухи инсистираше секој доказ поединечно да биде презентиран во судница.
Покрај овој предмет, во тек е и постапката „Онкологија 1“, во која Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.






