„Досега на владините седници не е разговарано за ова, така што сите тие бројки се, сепак, во сфера на непотврдени информации. До моментот додека Владата не донесе конечна одлука, немаме конкретен процент на поскапување”, рече Арсовски.
Како што кажа, тоа прашање, како и прашањето за евтината тарифа на струјата, ќе бидат затворени на некоја од наредните владини седници, на која ќе се разговара за сите предлози и опции заедно со анализата доставена од ЕСМ.
Притоа рече дека цените на енергенсите на светските берзи се во постојан пораст и дека има недостиг на електрична енергија, така што сите тие аспекти ќе се земат предвид кога ќе се донесе одлуката.
„Она што го имаме како информација е дека фокусот на ЕСМ е на зголемувањето на домашното производство на електрична енергија и да има континуитет во производството. Токму затоа е засилен РЕК Битола и ископот на јаглен за потребите на стабилно обезбедување на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи, обезбедени се дополнителни 90.000 тони јаглен од Албанија за почеток на производство на струја за стопанството по подостапни цени од моменталните на берзите. За истата намена последниот јавен повик објавен деновиве за набавка на 810 илјади тони јаглен ќе биде отворен во текот на целата 2022 година”, рече Арсовски.
Тој додаде дека по едномесечен ремонт денеска почна со пробна работа и РЕК Осломеј и дека и за таму се обезбедува дополнителен јаглен, а дел од стратегијата за справување со енергетската криза е и активирање на ТЕЦ Неготино.
„Распишан е јавен оглас за набавка на мазут и до денеска до 14 часот, до кога е рокот, се очекува доставување на понудите. Откако ќе се случи тоа, ќе бидат отворени, и по набавката и доставата на мазут, ТЕЦ Неготино ќе се вклучи во производство”, додаде Арсовски.






