вторник, 14 април 2026

Јовановска, Скеил Фокус: Ги мотивираме младите ИТ кадри да останат во земјава

Објавено на

часот

Сподели

Скеил Фокус годинава направи експанзија не само на глобално ниво, туку и во Македонија. Во време на пандемија отворивте канцеларии во Скопје и Битола, од 10 вработени бројката достигна до вкупно 130 луѓе кои работат за оваа етаблирана интернационална компанија. На што се должи овој тренд на брз раст?

-Скеил Фокус е присутна во земјата од декември 2019 година како најголема странска инвестиција во ИТ секторот. Компанијата е со седиште во Бугарија, но меѓународно работиме во повеќе канцеларии ширум светот на пазарите во Северна Америка, Западна Европа и Блискиот Исток. Моќта на компанијата се гледа и во тимот кој брои околу 800 инженери, ИТ експерти, со стратегија да станеме вистинска глобална компанија во индустријата за софтверска технологија и иновации и светски признат лидер во областа на дигитализацијата. Причината за проширување во Македонија, беше дел од нашата стратегија за проширување и подготвителен чекор за понатамошен раст во регионот на Западен Балкан. Иако почнавме со работа во канцеларијата во Скопје, само неколку месеци пред пандемијата, кога целиот свет застана, сепак согласно инвестицискиот план,  планираниот број на вработени за 2021 година ги надмина очекувањата за 50%. Горди сме како менаџмент на постигнатиот успех, но огромна благодарност до нашите вработени кои ја препознаа компанијата како место за нивниот иден професионален развој и успех. Нашите вработени се нашиот најголем капитал во компанијата.

Стратегијата за проширување е поврзана и со децентрализацијата на локациите како развојни центри, со цел компанијата да може да ги привлече и вклучи во своите проекти најдобрите технолошки кадри од најразлични места. Покрај модерниот и функционален канцелариски простор од 900м2 на атрактивна локација во строгиот центар на Скопје, во септември оваа година се проширивме  и со канцеларија и во центарот на Битола.

За време на пандемијата го применивме моделот „Work From Everywhere“, којшто се покажа како успешен и ќе го задржиме по завршувањето на пандемијата, но истовремено инвестираме да им обезбедиме удобен амбиент за работа и сè што им е потребно за ефикасна работа на вработените во нашите канцеларии.

Иако гледано во светски рамки и Бугарија и Северна Македонија се мали земји, но со нашите најдобри практики и политики, стекнати и инспирирани од меѓународните компании за кои работиме, успеаваме да се разликуваме од конкурентите со нашиот квалитет и страст за совршеност, а кои се резултат на посветеноста на вработените и нивните вистински таленти. Затоа се трудиме да создадеме идеални услови за работа и младите да останат дома или да ги вратиме во нашите земји и да придонесеме за економски просперитет на регионот.

Кој е главниот мотив за младите ИТ кадри и како ви успева да ги задржите  да останат во земјата и да работат за Скеил Фокус?

-Она што го нудиме како компанија е единствена можност за развој на кариерата во средина која поддржува, преку континуирано учење од колеги, менаџери, клиенти во проекти и други дополнителни форми на технолошко и деловно подобрување. Секој наш колега има еднаков почеток, без разлика во која канцеларија на Скеил Фокус почнува да работи, но сè зависи од амбицијата, индивидуалната мотивација, вештините и резултатите и како некој ќе успее да ги развие со текот на времето. Ние ги следиме и помагаме, бидејќи тоа е дел од културата на работење на компанијата, знаењето да го споделуваме со колегите и така заеднички да одиме кон врвот.

Бизнис-планот на компанијата е да ги мотивира и задржи младите ИТ експерти да останат овде во земјата. Тоа е предност, но и умешност да се изнајдат заедничките вредности, со меѓусебно почитување и посветеност, за деловните успеси да се базираат на можноста да умеете да ги извлечете најдобрите вештини од вработените. Се трудиме да создадеме позитивно опкружување за секој талент, усогласенo со корпоративните вредности во компанијата, и како што велат „Можеш сам, но за да успееш, потребен ти е тим“.

ИТ професионалците кои се дел од вашата успешна приказна ја посетиле и Скеил Фокус академијата, која им гарантира вработување веднаш. Какво знаење и искуство добиваат учесниците на оваа академија и кога стартувате со нов упис на студенти?

Скеил Фокус академијата е вистинскиот избор за млади луѓе со амбиција, кои говорат англиски и имаат основни или теоретски вештини во компјутерската наука и технологија. Академијата е одлична можност да стекнат знаење и вештини кои се најбарани во моментот и светски признати.

Скеил Фокус академијата е првата академија која нуди бесплатна практична обука за младите таленти. Со гордост може да кажеме дека со воведувањето на добрите практики, акумулирани низ годините преку академијата, Скеил фокус ефективно придонесува за развојот на локалното деловно опкружување. Ова е високо ценето од колегите од академската и бизнис заедница со кои имаме изградено заеднички партнерства. 

Академијата е одлична можност студентите да учат од најдобрите наши експерти. Во тек е упис на петтата генерација студенти. Новите кандидати ќе имаат можност  да се усовршат во „Golang“, или накратко „Go“, кој еден од најмодерните и најбрзо растечки нови програмски јазици. „Go“ главно се користи за развој на backend апликации, и ако сакате да се вивнете во ИТ кариера, ви треба „Go“ во вашиот сет на вештини. По успешно завршената обуката „Golang“ на Скеил фокус академијата, студентите имаат можност да се придружат на тимот на Скеил фокус и да работат од каде било на вистински проекти за меѓународни клиенти – од големи компании на Fortune 500 до иновативни стартапи.

Навистина е предизвик да се откријат таленти, кои своето знаење ќе го насочат во иновации за светски проекти. Посебен мотив за нас како компанија е кога за само три месеци, колку трае академијата, ќе допрете до младите и ќе им го промените животот во целост, на подобро секако, и нечиј сон ќе стане стварност, шанса да стане ИТ-експерт и за кратко време да го живее сонот.

Скеил фокус има испорачано над 500 светски проекти за стотици клиенти низ светот, во Америка, Европа и Азија. Ако треба да се сумираат резултатите, која е формулата за успех и кои се идните планови?

-Скеил фокус во 2022 година слави 10 годишен јубилеј, 10 години забрзан раст и развој, препознаен и од реномираните Форбс и Фајненшл Тајмс коишто изминативе години ја вброија компанијата и во најбрзо растечките компании во Европа. Досега успешно испорачавме повеќе од 500 проекти за стотици клиенти низ целиот свет. Како компанија имаме искуство во повеќе индустрии, бидејќи нашите клиенти се со различни дејности, а ние ги следиме и ги разбираме нивните предизвици со кои се соочуваат. Клучот за успех е кога за секој нов систем кој го развиваме за клиентот, ќе обезбедиме негова интеграција, автоматизација и комуникација со други системи што ги користи клиентот. Скеил фокус обезбедува технолошки решенија со повисока додадена вредност, што на нашите клиенти им заштедува ресурси, време, луѓе и обезбедува конкурентска предност во нивните индустрии.

Во софтверската индустрија особено после пандемијата, светот ги препозна квалитетот и агилноста во споредба со квантитетот при работа со клиентите. Во иднина, дигиталната трансформација ќе биде неминовност кај секоја компанија, а со тоа ќе расте и потребата од ИТ услуги и ИТ кадри. Секторот на јавната администрација исто така ќе има потреба од повеќе експерти во оваа област, бидејќи и тој ќе мора да помине низ дигитална трансформација.

Долгорочно, целта е Скеил фокус да стане уште поголема меѓународна компанија со уште посилно присуство во светот, креирајќи решенија за потребите на нашите клиенти. Нашата мисија е да ги ангажираме најдобрите технички таленти во нашите проекти без да наметнуваме локални ограничувања и на тој начин да обезбедиме сè повеќе современи и иновативни решенија за нашите клиенти.  Планот за раст на компанијата се реализира и од 1 ноември оваа година, започна со работа и нашата нова канцеларија како развоен центар во Истанбул, Турција.

Како главен менаџер за Македонија и како жена за која нема граници во машкиот свет на ИТ индустријата, кои се најважните фактори кои ви помогнаа да го постигнете вашиот, но и успехот на компанијата?

-Постојат три принципи кои се водич во мојот живот, а тоа е дека секогаш треба да сонувате што сакате да постигнете, да верувате дека тоа е можно и да инвестирате секој ден во ново знаење. Секоја вложена единица „време“ или „средство-пари“, сигурно ќе ви се врати еден ден 10 пати повеќе. Секако дека личните квалитети се важна работа, но без амбиција и свесност за саморазвој нема остварување на вашиот сон. Важно е секогаш кога поставувате цели во животот, да разликувате што е цел, а што задачи кои ќе ве доведат до целта. Постојано ме интересираат нови иновативни работи и во мислите ми е „знам што сакам да постигнам, знам зошто ми е важно и размислувам да дознаам како да го реализирам“. Бидејќи сум свесна дека секоја цел мора да има свои чекори за да се реализира – цел без чекори е само список на желби. Важно е дека знам да преземам одговорност за сопствените одлуки, за тоа дали да направам нешто или не.

Успехот кој го постигнавме во компанијата во земјата е наш заеднички успех на сите колеги во Северна Македонија и Бугарија. За да изградите препознаен имиџ на компанијата, како компанија посакувана за работа,  секако дека е потребен труд, талент и огромно искуство. Денеска како генерален менаџер на Скеил Фокус ДООЕЛ, од  оваа временска дистанца, зад мене е 30 годишна кариера која ме водеше во многу необични, интересни и  несекојдневни, одговорни работни позиции. Започнав како администратор и девелопер на Oracle база на податоци, но мојата желба постојано да учам и да се унапредувам и да дадам сè од себе во секоја задача, ме однесе и на полето на телекомуникации, макроекономски политики и правна регулатива. Бев дел од Стопанска комора на Македонија 25 години на различни раководни позиции. Собранието на РСМ ме назначи за претседател на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации од 2005-2010 година. Посебен предизвик за мене беше работата како шеф на кабинет на заменик-претседател на Владата задолжен за економски политики, каде фокусот беше на привлекување на странски инвестиции во земјата и креирање на оптимална бизнис-околина.

Најголем предизвик е секако и сегашната моја позиција како генерален менаџер на Скеил Фокус ДООЕЛ, каде се вратив во мојата професионална област, но после целото мое искуство, многу контакти, настани, билатерални средби на највисокото ниво со  моќни луѓе од бизнисот од целиот свет, сопственици на големи корпорации, меѓународни институции, зад мене се учествата на средби, бизнис-форуми, конференции и настани во повеќе од 52 земји во светот.

Сето ова искуство ми дава ветер во грб амбициозно да продолжиме во реализација на инвестицискиот план за следите пет години, според кој потребно е да вработиме 300 луѓе, но со моменталното темпо на раст, бројот на вработени ќе го достигнеме многу порано. Нашата визија е да ги собереме најдобрите ИТ таленти не само во Скопје и Битола, туку и во други градови во земјата.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ