Според ревизорските извештаи објавени денеска, средствата од продадените билети не се предаваат секој ден во благајна, а надоместокот за изнајмување сценски простор не е конкретно прецизиран со што е овозможено субјективно формирање на цените при закупот.
Констатирано е и дека се издавал простор по цени пониски од минималниот предвиден праг, како и дека е изнајмуван рекламен простор без претходно донесен акт од органот на управување за утврдување на висината на овој вид закуп.
Ревизорските извештаи укажуваат и на слабости при спроведување на пописот на материјалните средства, ситниот инвентар и залихите, како и на тоа дека не е извршен попис на дел од средствата.
Слабости има и кај дел од спроведените постапки за јавни набавки.
„Изразено е неповолно мислење во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики за 2020 година“, стои во извештајот.
Во однос на исплатата на авторските хонорари, директорот на НОБ испратил забелешки, но Државниот завод за ревизија не ги прифатил со образложение дека „не се добиени дополнителни докази кои би имале влијание на промена на утврдената состојба во извештајот”






