„Решително ги осудуваме сите обиди на Лондон да ја префрли вината за инцидентот во Солзбери врз Москва и инсистираме на тоа дека треба да се истражи професионално, објективно и непристрасно“, кажа Захарова, а пренесува ТАСС.
Додаде дека Москва е спремна да соработува во рамки на таа истрага.
Поранешниот двоен агент Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија беа најдени без свест на клупа во Солзбери, на југозападот на Англија во 2018 година и беа префрлени во болница во тешка состојба. Тие преживеаја и живеат скриено и под заштита.
Лондон ја обвинува Москва дека стои зад труењето и претходно издаде налог за апсење на двајца Руси, Александар Петров и Руслан Боширов, што е можно да се псевдоними. Тие се осомничени дека го извршиле нападот како челнови на руската разузнавачка служба ГРУ.
Британската полиција вчера соопшти дека е обвинет и трет агент на руската воена разузнавачка служба во истрагата за труењето на поранешниот руски шпион. Сергеј Федотов, познат и како Денис Сергеев, обвинет е за заговор за убиство на Сергеј Скрипаљ, обид за убиство на Скрипаљ, неговата ќерка Јулија Скрипаљ и полицаецот Ник Бејли, заразен за време на интервенцијата, како и за поседување и употреба на хемиско оружје.






