Сепак, распределбата на гласовите по факултети и нивната тежина во вкупниот резултат довела до тоа Ангелова да го задржи мандатот. Како што се наведува во записникот од изборите, Ангелова освоила 2924,125 поени, а Данев освоил 2675,875 поени.
Ваквиот исход произлегува од актуелниот модел на избори, кој според комплицираноста наликува на моделот за избор на претседател на САД. Овој модел е утврден со важечкиот Закон за високо образование, кој предвидува специфичен систем на вреднување на гласовите по единици. Овој систем за избор на ректор беше воведен во време кога министерка за образование беше професорката Рената Дескоска, за време на владата што ја предводеше СДСМ, од 2017 до 2019 година.
Според достапните податоци, Данев остварил поединечна победа на повеќе факултети, и тоа на: Економски факултет, Правен факултет, Филозофски факултет, Филолошки факултет, Медицински факултет, Факултет за физичка култура и јавно здравје, Природно-математички факултет, Машински факултет, Електротехнички факултет, Градежен факултет, Фармацевтски факултет , Факултет за драмски уметности, Факултет за ликовна уметност и Музичка академија.
И покрај ваквата широка поддршка низ повеќе наставно-научни единици, изборниот систем овозможува резултатот да не се пресликува директно во конечниот избор на ректор.
Ова повторно ја отвора дебатата во академската јавност околу легитимноста на ваквиот изборен модел. Додека Ангелова има формален легалитет согласно законските процедури, дел од професорите и аналитичарите укажуваат дека недостига суштински легитимитет, имајќи предвид дека мнозинството гласови се на страната на противкандидатот.
Критиките се насочени кон нееднаквата тежина на гласовите, што според дел од академската заедница го нарушува принципот „еден професор – еден глас”. Според критичарите, актуелниот систем создава ситуација во која изборниот исход не ја одразува реалната волја на мнозинството наставно-научен кадар.
Се очекува ова прашање да биде дел од пошироките дискусии за реформите во високото образование, особено во контекст на најавените измени на законската рамка.
„Американскиот“ изборен модел ѝ донесе реизбор на ректорката на УКИМ, иако противкандидатот имаше повеќе гласови
Според конечните резултати од денешните избори за ректор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, кандидатот Дарко Данев од Машинскиот факултет освоил 663 гласа, додека (и досегашната) ректорката Биљана Ангелова добила 565, односно речиси 100 гласа помалку.

Објавено на
часот





