вторник, 28 април 2026

Лембанов: Авторитетот доаѓа од знаењето, не од годините – целта е силен Пелистер

Пред младиот ракометен стратег Алексо Лембанов стои најголемиот предизвик во неговата досегашна кариера, да го води Еурофарм Пелистер, да работи во средина што живее за ракометот. Градот што дише за клубот носи огромни очекувања, а притисокот за резултати настапува веднаш. Тој ќе треба не само тактички да го води тимот, туку и психолошки да се справи со тежината што ја носи клупата на еден од најамбициозните македонски клубови.

Објавено на

часот

Сподели

Повеќето ракометни тренери со тренерската работа започнуваат по крајот на играчката кариера. Таков е случајот и со Лембанов, но со една голема разлика, тој престана да игра на 19 години и на таа возраст реши да ги засука ракавите и да стане тренер.

Во разговор за МКД.мк Алексо Лембанов ни зборува за неговиот нов предизвик, најголем во досегашниот дел од кариерата.

Твојата приказна е необична. Многу млад почнуваш да работиш како тренер, на 23 години доби и сениорски предизвик на клупата на Пролет, имаш и интернационално искуство во Саудиска Арабија, а сега со само 28 години доби можност да водиш амбициозен клуб како Пелистер. Како гледаш на оваа шанса?

Шансата што ја добивам од Еурофарм Пелистер да бидам тренер на сениорската екипа доаѓа во еден непријатен момент за клубот бидејќи целите што беа поставени во почетокот од сезоната не ги остваривме. Она што ни преостанува во останатиот дел од сезоната е да ги добиеме сите четири натпревари до крајот на првенството и со тоа да завршиме на второто место во македонската Суперлига, за да успееме да обезбедиме место во групната фаза од Лигата на Европа идната сезона.

Моето поставување на оваа позиција го гледам како еден логичен чекор во еден процес што трае навистина долги години, од страна можеби изгледа брзо, но сепак зад ова мое поставување има многу работа, многу учење и посветеност секојдневно во текот на целата моја кариера. Да се биде тренер на Пелистер е чест, но и голема одговорност. Знаеме дека ова е клуб со традиција, со големи очекувања и со јасни амбиции. Пелистер е клуб што бара резултат и јасно е што значи да се седи на таа клупа. Оваа шанса ја гледам како обврска да дадам максимум, да извлечам максимум од сите членови на екипата и за ова кратко време што ни преостанува да изградиме свој идентитет на теренот.

Добар дел од ракометарите со кои си работел или работиш сега се постари од тебе. Дали тоа е проблем да го наметнеш својот авторитет и да ја контролираш „соблекувалната“?

Искрено, не гледам на возраста како на проблем за авторитет бидејќи авторитетот не доаѓа од годините и воопшто не е поврзан со возраста, туку доаѓа од знаењето на тренерот и од односот што ќе го гради со играчите. Ако тренерот е јасен во тоа што го бара, ако е фер и ако секојдневно покажува дека знае што работи, играчите тоа ќе го препознаат. Особено играчите што играат на ова ниво долги години, на највисокото можно ниво во ракометната игра, веднаш ќе препознаат дали тренерот има јасна идеја и дали стои зад тоа што го бара од играчите. Јас сум директен и јасен, секој играч знае што се очекува од него и имам огромна почит кон сите играчи. Кога работите се поставени на овој начин, возраста не игра никаква улога. Се разбира дека и комуникацијата е клучна, јас се трудам да имам отворен однос со сите, да ги слушнам, но и да се постават граници кога ќе биде потребно. На крајот на краиштата, сите сме професионалци, сите работиме во една насока, а тоа е една и единствена цел – да бидеме подобри како тим.

Тренерската авантура во Пелистер ја почна со убедлива победа над Тиквеш, а сега следува гостување кај Вардар, кој на тој меч може да ја завери титулата. Може ли пелистерци да победат и да го одложат славјето на ривалот?

Секој натпревар во Еурофарм Пелистер е приказна за себе и е нов предизвик бидејќи на секој натпревар нѐ води императивот на победа. Победата над Тиквеш беше добар почеток, но тоа е само еден чекор и без да потценам некого, Тиквеш не е екипа што е на рангот на Еурофам Пелистер. Општо познато е дека натпреварот против Вардар и оние дербиња меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар секогаш носат посебна тежина без разлика на пласманот на табелата на двете екипи.

Морам да кажам дека ние во Еурофарм Пелистер никогаш не излегуваме на терен да одложуваме славја и не нѐ интересира тоа што се случува во противничкиот табор, туку едноставно одиме да победиме. Дефинитивно најголем предизвик во домашното првенство се овие натпревари против Вардар и ние така ќе го третираме овој меч. Се разбира, имам огромна почит за екипата на Вардар, којашто најверојатно е шампион во оваа сезона, но фокусот е на нас, како ќе изгледаме ние, колку ќе испочитуваме од договореното и се разбира дека ќе одиме на победа.

Како е за скопјанец да живее и работи во Битола?

Не би рекол дека постои разлика за скопјанец што работи во Битола или за некој што можеби е од Мадрид или што е можеби од Прилеп или од кој било дел на Земјината топка затоа што ние тука сме професионалци, па така, притисокот што го носи Битола како ракометен град е дефинитивно ист за сите. Се чувствува притисокот, но веднаш се чувствува и дека доаѓаш во една средина каде што буквално целиот град живее за ракометот и кога се наоѓаш во една таква средина, искрено не постои големо време за адаптација, веднаш се фокусираш на работа и веднаш се бараат првите резултати од тебе. Лично, брзо се вклопив, ми се допаѓа градот, ми се допаѓа начинот на живот, немам никакви проблеми со тоа што сум од Скопје. Мислам дека луѓето од Битола ни судат по нашите квалитети, а не по местото од кое доаѓаме.

Р.Ѓ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ