Никола Кукунеш, в.д. директор на Струшките вечери на поезијата, на денешната прес-конференција се осврна на тоа зошто е избран токму овој термин за годинешното издание на фестивалот.
„Целта на фестивалот е да се врати публиката на настаните што се организираат на отворено. И тоа е на некој начин и мисијата во основа на овој фестивал, да биде во непосреден допир со публиката. Се надеваме дека овој термин ќе ни овозможи поголема видливост, ќе ни овозможи поголема публика. Освен тоа, во прашање е и економскиот аспект, бидејќи периодот е пред сезона, а тоа се заштеди што многу ни помагаат нам, како организатори, да ги премостиме овие проблеми на што секојдневно наидуваме и се соочуваме. Понатаму, во поглед на професионалните гости што го посетуваат фестивалот, ова е период кога тие се послободни, кога нивните академски обврски овозможуваат да бидат присутни за време на фестивалот во Струга“, истакна Кукунеш.
Уметничкиот директор на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски, информира дека ќе учествуваат поети од странство, од земјата и дополнително на тоа – професионални посетители, критичари, теоретичари, промотори, поранешни директори на светски фестивали, како и сегашни, актуелни.
Меѓу учесниците на годинешната поетска манифестација, Стефоски ги наведе Луис Гарсија Монтеро – шпански поет и директор на Институтот „Сервантес“, Михаел Кригер – еден од најзначајните современи германски поети, како и минатогодишниот актуелен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ – Јулијана Величковска.
„Во рамките на Струшките вечери на поезијата ќе биде и добитникот на „Мостови на Струга“, Даниел Хајндс од Велика Британија“ – додаде Стефоски.
Тој сподели и дека 65-те години и минатогодишниот јубилеј 60 години од наградата „Златен венец“ ќе бидат одбележани со книга за поезијата – со избор интервјуа со поранешни добитници на „Златен венец“, што ќе биде објавена и на македонски и на англиски јазик.
Наградата „Мостови на Струга“ годинава му припаѓа на Даниел Хајндс од Велика Британија – беше соопштено на денешната прес-конференција.
Уметничкиот директор на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски, истакна дека станува збор за 24-ти добитник на наградата „Мостови на Струга“, што Струшките вечери на поезијата од 2003 година ја доделуваат заедно во соработка со УНЕСКО.
„Утврдувањето на наградата беше со цел афирмација и промоција на поетското творештво на млади талентирани автори од светот и Даниел Хајндс е втор добитник од Велика Британија“, додаде Стефкоски нагласувајќи дека неговата книга отскокнувала по многу нешта.
Стефкоски информира дека на конкурсот пристигнале 14 поетски книги од светот и од нашата држава.
„Многу од нив заслужуваат пофални зборови“, истакна Стефкоски.
За Хајндс беше кажано дека живее во Њукасл, Обединето Кралство. Дипломирал англиска книжевност со највисоки почести на Универзитетот во Њукасл, каде што и магистрирал англиска книжевност со највисока оценка. Неговата дебитантска збирка поезија „Нови, познати фрази“ била објавена од „Брокен слип букс“ (Broken Sleep Books) во март 2025 година.






