Љутков нагласи дека годинава се поддржани 28 автори и 37 ликовни дела, со вкупен износ од околу седум милиони денари (6.672.750,00 денари), како израз на определбата да се поттикнува и да се вреднува современото македонско ликовно творештво.
„Со вечерашнава изложба повторно се воспоставува една важна стимулативна мерка – откуп на ликовни дела, која е предвидена во програмата на Владата, а последен пат беше реализирана во 2016 година. Особено сакам да нагласам дека мерката е вклучена и во новата стратегија на Министерството за култура и туризам, која е во фаза на донесување, со што ја потврдуваме определбата за долгорочна и одржлива културна политика“, рече тој.

Во време кога глобалните кризи силно се одразуваат врз културните сфери, како што нагласи министерот за култура, ова претставува јасен исчекор, не само во поддршката на уметничкото творештво, туку и начин да се збогати фондот на уметничките збирки, со што се создава културна вредност што останува трајно, како дел од заедничката меморија и сведоштво за времето во кое живееме.
„Затоа оваа изложба не ја гледам само како резултат на конкурс, туку како дел од поширока заложба за континуирана и системска поддршка на уметноста. Откупот на ликовни дела го гледам како силна врска меѓу уметниците, институциите и јавноста. Во таа смисла, особено ја ценам улогата на институциите како Музејот на современата уметност и Националната галерија, кои не само што ја чуваат уметноста, туку и активно ја развиваат и ја доближуваат до јавноста“, рече Љутков.
Целта, како што потенцира министерот, е јасна – да се изгради одржлив и динамичен културен систем, во кој уметниците имаат простор да создаваат, институциите да се развиваат, а публиката да има пристап до квалитетна култура.
„Им честитам на избраните автори и да изразам благодарност до членовите на комисијата за нивната стручна и посветена работа, како и до сите уметници кои со своето творештво ја збогатуваат македонската култура. Нека оваа изложба биде потсетник дека уметноста не само што го отсликува времето во кое живееме, туку и активно го обликува“, истакна министерот за култура, Љутков.






